„Морам да кажам, а и да си признаеме дека, главната водилка овие први 100 дена беше, е и остана да не го разочараме народот. И не го разочаравме, и нема да го разочараме, и затоа седам овде пред вас, но и пред целата јавност и кажуваме дека во едни тешки околности постигнавме многу. А, најзначајната придобивка овие 100 дена е што конечно општините ги вративме на оние на кои им припаѓаат, а тоа е народот“, истакна денес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски на денешниот регионален отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.

Мицкоски посочи дека денес и Тимчо од Аеродром, и Александар од Ѓорче, и Дарко од Бутел, Орце од Кисела Вода, и Боби од Гази Баба, и Александар од Илинден, Коста од Зелениково, а за Стевче од Сопиште и Борче Митевски од Петровец е потврдено и проверено дека тоа е така – и сето тоа може да се согледа и по улиците, маалата, парковите, со народот, работат за народот. Општините се со отворени врати за решавање на сите проблеми, за наоѓање на решенија, за поддршка и промена на тешката реалност.

„Тоа е нешто што е сосема различно со претходното време, сега повеќето нови и проверени кадри се тие кои прават силни чекори напред. Оваа нова генерација на политичари во политиката полека, но сигурно се вградува во она што треба да биде силен виор на промени кој мора да се пресликува и подоцна и во владата. И она на што сум особено задоволен е фактот што имаме први 100 дена без ниту една темна дамка, ниту една афера за било кој градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. И така мора да се продолжи, чесно и посветено, незаборавајќи дека немаме опција со која би го разочарале дополнително и така разочараниот народ и дека мора да се вложи целата енергија за промените кои што носат иднина“, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека се работи според план кој го соддржи клучот – РАБОТА, РАБОТА И МНОГУ РАБОТА.

„Од овие повеќе од 1090 проекти кои се започнати со реализација, дури 166 се капитални објекти низ целата територија на Македонија. Голем дел од овие проекти се реализирани токму и во општините кои денес даваат отчет, а за кој нивните градоначалници детално ќе говорат после моето обраќање. Започнати се со проектирање, градба или реконструкција нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 километри. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се повеќе од 200 диви депонии.“, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека секој си го поставува прашањето дали сето ова е доволно? Секако дека е потребно и повеќе и подобро. И тука нема да се застане. Градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се заедно со народот, со луѓето на Македонија од сите вери и нации и ќе се борат за иднина.

„И ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која ја заслужувате, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари кои се вашата сила во општеството кое мораме да го менуваме. ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА. Заедно во нови успеси и проекти“, порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.