Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата Само Интервју на Канал 5, зборувајќи за штрајковите кои се случуваат во континуитет во претпријатијата под ингеренции на Град Скопје, истакна дека градоначалничката Данела Арсовска која постојано влегува во конфликти на сите страни треба да се запраша дали сите тие со кои е во конфликт не чинат или проблемот е до нејзе.
„Еден човек создава многу конфликти, те со синдикат, те со овој, те со оној. Тоа не значи дека ти си најисправниот. Значи дека нешто до тебе не чини ако ти нон-стоп правиш на сите страни конфликти и нешто со себе имаш проблем“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека и покрај се најважно е градоначалничката Арсовска да се држи до победничкиот концепт „За модерно Скопје“ и ќе ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што е важно, еве сега се креира ребаланс на буџетот, се креира претпоставувам нов буџет за следната година, да остане госпоѓата Арсовска на концептот „За модерно Скопје“. Тоа е многу важно затоа што тој беше победнички концепт и бидејќи со тој концепт излезе пред граѓаните и очекуваме такво нешто да видиме како политичка партија, советниците во Град Скопје очекуваат такво нешто да видат кога ќе го даде предлогот за ребаланс на буџетот, а потоа и за буџетот за следната година и тоа ќе биде подржано да немате дилема исто како што го подржавме сега трансферот на средства за плати за вработените во ЈСП. Тоа не го опструираше ВМРО-ДПМНЕ, го даде како предлог, свика итна седница на советот, го изгласа и мислам дека се префрлени 125 милиони денари за два месеци плати. И секогаш кога ќе треба такви одлуки да се носат што се за корист на граѓаните тука сме ние. Ние нема да правиме кочници бидејќи сме излегле позади тој концепт, сме воделе кампања и сме го подржале тој концепт“, потенцираше Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.