Од некогашно место за забава, до најголемо ругло денес, во зеленото срце на македонската метропола. Некогашното место каде израснаа и се забавуваа десетици генерации, повеќе од деценија е оставено во заборав. Скопскиот Луна парк некогашната главна атракција и натаму е само сеќавање за некои минати поубави времиња, анализира Телевизија Алфа.

Она што се затвори, требаше одамна да стане ново и модерно. Но, уште во старт, работите заглавија. Коце Трајановски го почна, Петре Шилегов го заборави, а Данела Арсовска целосно го запостави проекто за луна паркот, велат од Алфа.

Ако се суди според досегашното искуство, најверојатно ниту годинава забавниот парк нема да проработи. Иако градоначалничката Данела Арсовска откако дојде на фунцкија најави дека луна паркот ќе биде пуштен во употреба со 7-те реквизити набавени уште во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, до денес нема ништо од тоа.

Граѓаните се жалат дека Скопје нема места за забава и со душа чекаат место за рекреација, посебно за најмладите. Велат дека освен во Градскиот парк, децата немаат каде да ги однесат. Единственото забавно катче што сега Скопје го има е овој мал рингишпил со една вртелешка во Градскиот парк.

Најавата на градските власти по се изгледа ќе чека подобро време. Освем што ништо нее мрднато од мртва точка, туку и на терен не се работи ништо, односно не е почнато ниту партерното уредување. Просторот стои ограден, запуштен и обраснат.

Алфа писмено прашала во Град Скопје како тече динамиката на подготовка на Паркот и кога граѓаните може да го видат, но од таму и по една недела, одговор нема. Арсовска претходно кажа дека проектот е во завршна фаза и наскоро ќе почнело партерното уредување.

Инаку Скопје нема забавен парк повеќе од седум години. Ексградоначалникот Петре Шилегов по доаѓањето на функцијата го прекина проектот почнат од неговиот претходник Коце Трајановски, со образложение дека не бил добар и дека во Скопје наместо луна парк ќе се градел забавен парк, но сетоа тоа остана само на ветување.

Според проектот, забавниот парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување забавни реквизити од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца, а ќе има и неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и пропратни содржини како место за храна, фонтана, билетара, продавница за сувенири, тоалети. Сето тоа, според проекциите на Градот, би чинело околу 12 милиони евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.