Владата во рамките на своите надлежности ќе направи се што може за да ги доврши сите големи проекти кои се почнати во Скопје кои им се потребни на скопјани меѓутоа и на сите други градови. Работам со владиниот тим за да се согледаат можностите да преземеме дел од проектите во Град Скопје и да ги направиме заради скопјани а не заради политика, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Обврска на оваа Влада предводена од Социјалдемократски сојуз, како политичка партија која се грижи и која има вредности во својот фундамент за грижа за сите граѓани, е дека мора да помогне на сите граѓани во рамките на капацитетите и можностите кои ги има. Во тој дух беше и посетата на Градот Скопје на министерот за локална самоуправа и на министерката за култура. Мислам дека сме пред договор за преземање на ингеренциите за Универзална сала за да може тој објект да биде завршен и даден на користење на граѓаните на Скопје, рече Ковачевски по отворањето на ЈОУДГ „Мило мое“ во општина Чучер Сандево во одговор на прашањето дали Владата ќе ги преземе ингеренциите во јавниот градски превоз во Скопје по хаосот што настана денеска.

Нагласи дека пред само една година претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одеше по градот и кажуваше дека Скопје ќе ја добие најдобрата мајка и ќе стане најдобриот и најмодерен град во светот. Потоа, како што кажа, на прес-конференција кажа дека ќе обезбеди бесплатен јавен превоз за граѓаните на Скопје и дека ќе купел нови електрични автобуси и дека ќе се изградела фабрика за електрични автобуси.

Од тоа не само што нема ништо, туку и превозот којшто го имаше во Скопје го нема, посочи Ковачевски.

Постојат, додаде, и други проекти што требаше да се реализираат, а не се реализирани како пречистителната станица за Градот Скопје, огромен проект кој практично беше камен на сопнување за она што се случи во градот, бидејќи очигледно се обвинуваа за поделба на провизии помеѓу себе членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа имаме брз автобуски превоз во Градот Скопје кој е одобрен проект со финансирање од меѓународни финансиски институции и кој едноставно не се реализира, клучката на Момин поток – огромен проект кој е во застој, патот до Визбегово исклучително важна сообраќајница што треба да ја поврзи индустриската зона Визбегово, но и Чучер Сандево, подвозниот под зградите на Лимак кој е скоро готов, а обврска на Градот Скопје е да ги направи кружните текови кај Нова Македонија – ни милиметар од тоа не е направено, прецизира Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.