Два мали стана, еден деловен простор, два депозита во банка, кои се прилично солидни и се всушност нешто највредно во нејзината пријавена имотна состојба, два кредита, акции и една гаража.

Тоа е имотот кој го поседува новата градоначалничка на главниот град на државава, Скопје, чија состојба конечно излезе на веб страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Како што е познато, 30 дена по завршувањето на изборите, новоименуваните функционери се должни да го пријават својот имот во Антикорупциската комисија. Но, како што објаснија оттаму, иако имотните состојби стигнале, нив се досега ДКСК ги немаше објавено, а образложението беше дека стигнал имотот на голем број функционери и дека е потребен подолг период за обработка.

Инаку, од анкетниот лист на градоначалничката на Скопје може да се забележи дека целиот имот што таа го пријавила, фигурира како заеднички имот.

Па така, од анкетниот лист на Арсовска може да се види дека таа има гаража од 15 метри квадратни, а како локација е наведено Македонија, како впрочем и за целиот нејзин имот. Гаражата вреди 248 илјади денари, а е стекната со договор за купопродажба.

Арсовска поседува и деловен простор, исто така стекнат со договор за купопродажба, вреден 1,5 милиони денари или околу 24 и пол илјади евра. Деловниот простор има 22 метри квадратни.

Истата вредност од 24 и пол илјади евра ја има и едниот од становите на Арсовска, кој има 38 метри квадратни и е стекнат со договор за продажба.

Вториот стан има 42 метри квадратни и вреди 1,91 милиони денари, или 31 илјада евра. Тој е лоциран во Македонија, и е стекнат исто така со договор за купопродажба.

Арсовска пријавила и моторно возило Хјундаи од 153 илјади денари, како и акции од 200 илјади денари. Не се наведува од која компанија се нејзините акции, но се знае дека се 200 и дека се купени во 2009 година.

Градоначалничката има и девизен депозит од 78.800, а не е наведено дали се долари, евра или франци.

Арсовска во банка располага и со денарски депозит од 4.165 милиони денари, што е рамно на 67.723 евра.

Првата дама на Скопје има и два кредити, едниот од два милиони, а другиот од 200 илјади денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.