Советниците на Општина Карпош на вчерашната седница ја изгласаа одлуката за за финансиска поддршка за поправка на постоечки лифтови и поставување нови лифтови во станбени згради за колективно домување, на територија на локалната самоуправа.

Станува збор за субвенционирање кое ќе биде поддржано со финансиски средства од буџетот на Општина Карпош за 2022 година по принципот прв дојден – прв услужен, а акцијата ќе трае до исцрпување на финансиските средства за таа намена. Општината ќе субвенционира 30%, но не повеќе од 250.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката (санацијата) или поставување на нов лифт. Притоа, сопствениците на станови во станбените згради за колективно домување ќе ги обезбедат останатите финансиски средства во висина од најмалку 70% од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата. Вкупниот фонд на финансиската поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови изнесува 2.000.000 денари.

Со истата динамика, Советот ја одобри одлуката за обезбедување на финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективното домување и замена на азбестни покриви на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош. За оваа намена, локалната самоуправа обезбеди финансиски средства од својот буџет во висина од 3.000.000 денари, преку Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Карпош за 2022 година.

Според условите, Општината ќе субвенционира за колективни станбени објекти 30% но не повеќе од 200.000 денари, од вкупниот износ на вредноста на поправка и санација на кровен покривач за секоја одобрена апликација, поднесена од Заедница на станари или Управителот на станбената зграда врз основа на доставената најприфатлива понуда за материјали и работни позиции. Сопствениците на станови во станбените згради за колективно домување ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од најмалку 70% од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата.

За индивидуални станбени објекти (куќи), Општина Карпош ќе субвенционира 30%, но не повеќе од 75.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената на азбестниот покрив, за секоја одобрена апликација. Во овој случај, сопствениците на индивидуалните станбени објекти (куќи), ќе ги обезбедат останатите финансиски средства во висина од најмалку 70% од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата и истото ќе го потврдат со изјави заверени на нотар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.