Скопјани утре повторно ќе останат без јавен превоз бидејќи дел од вработените во ЈСП од 4.30 часот наутро ќе започнат со штрајк кој ќе трае до 12.30 часот и ќе се одржи пред дирекцијата на Јавното претпријатие во Автокоманда.
Како што за „Плусинфо“ информираат од штрајкувачкиот одбор, овој чекор го преземаат бидејќи нема усогласување на минималната плата со Колективниот договор на ниво на работодавач, односно зголемување за 2.170 денари за вработените во претпријатието, како и кршење на правата од работен однос и безбедност и здравје при работа.
Причина за штрајкот е усогласување на минималната плата со Колективниот договор, неисплатата на прекувремени часови за прекувремена работа, неисплата на хранарина на работниците што работат навечер од 22 до 6 часот, дискриминација на помлад возач, луѓе кои се со лиценца и која важи секаде во светот, а тука се помлади возачи со години, вели синдикалецот Маријан Поповски.
Тој истакнува дека штрајкот е законски најавен, бидејќи претходно испратиле предупредувале до раководството на ЈСП „Скопје“ и до в.д. директорот Крсте Петревски, но како што додава, за жал, никој досега не ги послушал нивните барања веќе подолго време.
Раководството на ЈСП е должно по закон да преговара со нас, но од нивна страна немаме никаква повратна реакција. Ние утре ќе излеземе на штрајк кој ќе започне пред управната зграда и ќе трае до 12.30 часот, а дел од него ќе бидат возачите во сите смени, а тоа е бројка од околу 200 луѓе. Доколку никој не се удостои да нѐ прими и да разговара со нас, по 12.30 часот сите си заминуваме дома и во Скопје пак ќе нема автобуси, изјави Поповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.