Општина Ѓорче Петров преку соопштение објави дека извесно женско лице лажно се претставува и по ресторани и кафеани прави нарачки во име на Општината и на градоначалникот Александар Стојкоски.

Ве информираме дека извесна Ивана во име на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалаци, наводно за општината и градоначалникот. Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со  Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување на фактура, велат од Општината.

Оттаму додаваат дека преземале мерки за да приберат докази и да го пријават случајот до надлежните органи и апелираат до угосителските објекти да не подлегнуваат на оваа измама.

Најостро го осудуваме овој чин на измама и истовремено информираме дека Општина Ѓорче Петров нема склучено Договор за угостителски услуги и не врши набавка на угостителски услуги, велат од Општината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.