Грануломатозна пневмонија причинета од габична-аспергилус инфекција (Pneumonia granulomatosa gravis-aspergilosa) и ненавремено превенирање се причина за угинувањето на две младенчиња пингвини во мај и јули годинава, покажаа наодите по обдукцијата на Факултетот за ветеринарна медицина на барање на Зоолошката градина – Скопје, објави Телма.

За актуелното раководство на скопската Зоолошка градина до ова немало да дојде доколку грижата била на повисок степен.

Заради ненавремено реагирање и несоодветен третман од страна на ветеринарка во ЗОО, ветеринарката Весна Левајковиќ Трајков, вработена во ЗОО во време на раководство на ВМРО-ДПМНЕ, за која и покрај тоа што во 2012 година е добиено решение за неуспешност во работењето, истата продолжува со несоодветно постапување и негрижа, за што е поднесена соодветна кривична пријава и врачено решение за отказ од установата, потврдено од страна на Управниот одбор на ЗОО Скопје“, соопштија од Зоолошка градина – Скопје.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, последното случување со угинувањето на трите коњи во скопската Зоолошка е алармантно.

Ако на секои три месеци се распишува тендер за набавка на свежа храна во износ од десетици илјади евра, како истото е можно и зошто животните се хранат со донирана непроверена храна за која не постои технолог вработен во оваа установа за проценка на квалитетот на храната и дали треба да се хранат животните со истата, каде завршува храната која редовно се дистрибуира од постапките коишто се со завршен тендер и потпис. Дали поморот на животни се должи на нездравата исхрана со која се прехрануваат животните? Дали патолошкиот наод од смртта на жирафата покажа бактерија салмонела која исто е создадена од неправилна расипана исхрана?“, праша Стефан Кирков, член на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Зоолошката градина во целост ги отфрли ваквите тврдења.

Во меѓувреме реагираше и „Анима мунди“ во врска со угинувањето на коњите. Бараат итно вештачење на снимките од сите камери во Зоолошката градина.

Доколку изостанува видеонадзор во институцијата, најстроги казни за раководството, дали и колку од ветеринарните лица во ЗОО Скопје се доктори специјалисти за лекување на диви животни, доколку такви воопшто има“, стои во реакцијата на „Анима мунди“.

Според „Анима мунди“, неприфатливо е ретки животни, на раб на истребување, безумно да завршат во субстандардна зоолошка во Македонија која, патем, го загуби и кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА).

Во саботата во скопската Зоолошка градина угинаа два коња, а веќе следниот ден угина уште еден. Првичните сомнежи се дека животните биле отруени, а случајот е пријавен во полиција. Надлежните кажаа дека е направена обдукција и дека се чекаат резултатите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.