Денешново излагање е продолжение на вчерашната прес конференција каде што обелоденивме за продажба на ултра атрактивна локација во општина Центар по цена од неверојатни само 7 евра. Оваа продажба се разбира ја изврши власта предводена од СДСМ, истакна Ивановски.
Ќе ги повторам наводите кои што вчера ги изнесовме:
– Се продава ултра атрактивно земјиште, градежно земјиште во општина Центар за само 7 евра на локација која што е атрактивна, и каде што цената од квадрат достигнува и до 2000 евра за м2.
– На истава локација се планира изградба на деловен објект во висина од 15 спрата каде што цената е 2000 евра по квадрат. Да направиме едноставна математика, 15 ката по 2000 евра добиваме 30.000 евра за м2, а притоа продажна цена е само 7 евра. Значи седум евра овдека за земја би биле околу 30.000 евра изградени горе во деловен простор. А, министерството за финансии, министерството за транспорт и врски и Општина Центар одобруваат продажба од само 7 евра за м2.
Сето ова се случува во очи на Нова година, значи на 29-ти декември 2021 година министерството за финансии дава решение со коешто се прифаќа барањето на инвеститорот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, на ова му претходело договор склучен помеѓу Општина Центар водена од Саша Богдановиќ, во тоа време градоначалник и инвеститорот на втори октомври 2020 година каде што фирмата инвеститор приватизира земјиште по цена од едно евро за м2.
Да поедноставам прво имаме дивоградба, таа дивоградба се легализира, потоа дооформување на земјиште и скоро без пари ја добивате ултра атрактивното градежно земјиште. Тоа се случи, а тоа го овозможи СДСМ.
Социјалдемократскиот сојуз во вчерашна изјава се повикуваше на тоа дека законите биле донесени од претходната влада, дека биле стари и така натака, и тоа е одговор кој што го очекувавме ние, и затоа ќе ги потсетиме на нивните изборни ветувања кои што ги направија 2020-та година:
Прво ветување: „Затоа во изминатите три години ја започнавме најголемата реформа со носење нови закони со кои ќе ги заштитиме државните интереси и интересите на граѓаните“.
Дека за седум евра продажба на државно земјиште заштитуваме државен интерес, имаме голем сомнеж.
Второ ветување: „Идната влада предводена од СДСМ ќе продолжи да работи на нови законски решенија во градежниот сектор. Најавуваме целосно усогласување на системските закони што ја регулираат областа на градежништвото и урбанизмот“.
Петта година СДСМ се на власт, ако сметале дека законските решенија не се соодветни, не се добри, а вчера се произнесоа дека не биле соодветни, можеле да извршат измени на законите и да доведат до нивно подобрување. Меѓутоа пет години тие не го сториле тоа. Паралелно Општина Центар можела да го промени ДУП-от на оваа локација, но и тоа не го направиле, така да тие изговори паѓаат во вода.
Трето ветување: „Постапките ги правиме потранспарентни за граѓаните, а воедно ја штитиме и унапредуваме животната средина и природата“.
Ние не гледаме како 15 катници ја унапредуваат животната средина и природата, а околу транспарентноста, можеме да ги запрашаме жителите овдека на Капиштец дали барем еден од нив знаел дека во неговото маало ќе му никне 15 катница и истата инвеститорот ја платил за 7 евра за м2.
Ќе сумирам, додека граѓаните се соочуваат со драстични поскапувања на станбениот простор во Скопје, додека цената на квадратот пораснува за 20, 25% пораст и надминуваат над 1500 евра за квадрат, СДСМ продаваат градежно земјиште за багателни 7 евра. Коментарот на огромен број на граѓани вчера беше: Ако е за 7 евра и јас можам да го купам, зашто јас кој што немам да плаќам по 1500 евра за м2, а оние што имаат да плаќаат само 7 евра? Нели е тоа неправеден однос кон граѓаните на Република Македонија ?
Ќе одговорам јас место СДСМ – тоа е неправеден однос кон граѓаните, но не е ништо неочекувано поради тоа што СДСМ е на власт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.