На 18 март 2022 година, жителите на „Питу Гули“, улицата која се наоѓа веднаш под озлогласените „Плацеви на Водно“ – во моментов предмет на судски процес, поднесоа барање за поништување на Одобрението за градење издадено на Маркеза ДООЕЛ од страна на претходниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Нивното соопштение, во кое се сумирани аргументите кои ги содржи барањето за поништување на горенаведеното Одобрение, ви го пренесуваме во целост:
Пресек на главни откритија
- Одобрениe за градба е дадено за еден спрат повеќе од дозволеното, замаскирано во „галерија”.
- Парцелата на која е дадено одобрение за изградба нема пристап до јавен пат, што значи дека не е изведена и не е можно по легален пат да се изведе никаква инфраструктура. Единствен начин за да се добие пристап е да се изгради нова улица на ридот која не е во Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година.
- Според проектната документација не се работи за објект со намена А0 -домување со посебен режим или подетално „луксузно домување на едно семејство” туку за многу поголем објект од можни категории А3-заедничко домување (дом за стари лица) или А4-времено домување (мотел, преноќувалиште) па дури и за хотел (Б5).
Ова е видно од бројките кои се предвидени во проектната документација:
- 20 паркинг места на две нивоа,
- лифт со големина за 6 лица,
- 20 посебни собни единици,
- 30 купатилски умивалници,
- 30 огледала и етажерки над и под секој умивалник,
- 30 моноблок шолји,
- 30 батерии за умивалниците,
- 21 туш батерии за топла и ладна вода,
- 26 ЕК вентили за машини за алишта и садови,
- 13 ЕК вентили за кујнска батерија,
- 13 бојлери
Според проектот за архитектура во објектот се предвидени 10 спални соби и 7 купатила, а според проектната документација се предвидени 20 спални соби и 30 купатила. Општината не направила проблем за ова несовпаѓање според кое јасно се гледа дека објектот нема да биде семејна куќа туку ќе биде или мотел, преноќувалиште, дом или хотел.
На 18 март 2022 година, жителите на Питу Гули, улицата која се наоѓа веднаш под озлогласените „Плацеви на Водно“ – во моментов предмет на судски процес, поднесоа барање за поништување на Одобрението за градење издадено на Маркеза ДООЕЛ од страна на претходниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ (решение УП1 бр. 27-341/2020 од 07.04.2021 година).
Во прилог, ќе ги најдете сумирани аргументите кои ги содржи барањето за поништување на горенаведеното Одобрение.
Одобрението е издадено спротивно на Деталниот урбанистички план за овој дел. Согласно со Извод од план за градежна парцела бр 10.75 – тука, дозволената максимална катност е П + 1 + Пк. Планираната градба во основниот проект врз основа на кој е издадено одобрението за градење – предвидува еден спрат повеќе од дозволеното – кое Инвеститорот се обидел да го замаскира со поимот „галерија“, инаку термин кој е непостоечки во Законот за градење. Спратот додаден како „галерија“ има функционална висина (2,65 м), додадена над висината од 3,35 м на приземјето. Општината направила превид и така приземјето станало спрат со висина од 6 м. Со наводната „галерија“, Општината на Инвеститорот му дозволила да добие уште еден спрат од градбата, што е спротивно на параметрите утврдени со ДУП-от.
Општината доделила Одобрение за градба, без да овозможи пристап до истата, што е спротивно на член 94 од Законот за градежно земјиште. Во фактичката состојба не постои пристап до самата парцела. Во моментов, ДУП-от предвидува „Улица 5“ како пристап до парцелата, но таа во реалноста не постои, а не постоела ниту во моментот на извадање на Одобрението во прашање. Општината ја нема предвидено изведбата на оваа улица во својата Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година.
Дополнително на горенаведеното, не е јасно како на Инвеститорот ќе му се овозможи поставување на водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела. Според Решението за хидротехнички услови дадено во постапката за издавање на Одобрение на ул. Питу Гули постои само водоводна мрежа, а треба да се изведе фекална и атмосферска мрежа. Нејасно е каде се предвидува да се приклучи објектот на Инвеститорот на фекална и атмосферска канализација, знаејќи дека водовод нема примено дека на ул. Питу Гули постои фекална и атмосферска канализација.
Согласно постоечката хидротехничка инфраструктура, кога Инвеститорот би започнал со градба, за да користи градежна вода би му била потребна изведба од 22 м водоводна мрежа, која не е јасно ниту кога, ниту на кој начин има намера да ја изведе – со оглед на тоа дека за да ја изведе треба да направи ископ на постоечката улица, а за тоа му е потребно посебно одобрение од Општината.
Најинтересно во проектната документација е дека произлегува дека одобрението е издадено за градба која СУШТИНСКИ има друга намена од таа за која е издадено одобрението, а која намена Инвеститорот се обидел да ја скрие. Проектната документација покажува објект или за заедничко домување (А3) или за времено домување (А4), па дури можеби и за хотел (Б5). Во секој случај не покажува објект со намена А0-домување со посебен режим. Ова се гледа од предвиденото во проектната документација, како на пример: 20 паркинг места на две нивоа, лифт со големина за 6 лица, 20 посебни собни единици, 30 купатилски умивалници, 30 огледала и етажерки над и под секој умивалник, 30 моноблок шолји, 30 батерии за умивалниците, 21 туш батерии за топла и ладна вода, 26 ЕК вентили за машини за алишта и садови, 13 ЕК вентили за кујнска батерија, 13 бојлери.
Општината не увидела дека постои целосно несовпаѓање на овие бројки со проектот за архитектура каде не е јасно на пример, каде ќе биде сместена оваа санитарија бидејќи истиот предвидел 10 спални (од кои манипулативно 8 ги нарекол детски) и предвидел 7 купатила (тоалети). Истото важи и за проектот за електрика кој не се совпаѓа со архитектонскиот.
Дополнително, со Одобрението за градење на Инвеститорот му се одобрува објект од втора категорија, со намена А0 – домување со посебен режим, која намена на градба, со влегување во сила на Правилникот за урбанистичко планирање, согласно член 77 од истиот, повеќе не постои.
За крај, во Основниот проект приложен во докуменатацијата врз основа на кој е издадено Одобрението за градење содржи дополнителни бројни пропусти, недостатоци и грешки, во однос на пропишаните висини за спратовите, приодот за возилата и како тие ќе влегуваат во двоспратниот подземен паркинг, проектот кој е на ниво на идеен проект не ги отсликува сите проекти и сите фази, на ниту едно место во проектот не се внесени подни коти – ниту на пресеците ниту на основите, не се ставени скалите во изглед, а дадено е одобрение за фаза 1 – каде се очекува да се изградат скали до приземје, проектот за статика не
соодветстува со проектот архитектура.
Овие бројни пропусти се причини заради кои вообичаено стручните служби би вратиле проект.
Во моментов постојат нерешени прашања со соседните парцели кои дополнително ги отежнуваат прашањата околу ова Одобрение. Општината периодов, повеќекратно ги вознемири жителите на улицата, вршејќи притисок врз нив, веројатно со цел да надокнади за своите пропусти при доделувањето на ова Одобрение.
Инвеститорот бара начин како да си обезбеди пристап за да отпочне со градење преку поднесување на пријави до општината за непосредните соседи се со цел да си отвори пристап преку 50 години уредувани површини кои се единствена патека до ридот по кој треба да помине тешката механизација.
Општината веќе постапува согласно неговите барања и неколку пати на терен одат инспектори за да пронајдат пропуст во имотните листови на непосредните соседи.
Соседите кои живеат таму повеќе од 50 години се изложени на постојани притисоци и трошоци за изработка на елаборати за да ја докажат точноста на оградувањето на нивните парцели надевајќи се дека општината нема да пронајде слабост која инвестиротот би ја искористил за да добие пристап.
Забелешка и контекст:
На неколкуте одржани средби со граѓаните од Водно во општината, градоначалникот Герасимовски покажа голем интерес за да помогне да се реши овој проблем со урбанизација на ридот на спорните парцели. Тој изјави дека доколку успеат да се најдат правни механизми дека ќе направи сé за да се поништи првото и постоечкото одобрение за градба на ридот и да се спречат идните одобренија за градба.
Изјави на Герасимовски за 360° :
Зошто се дозволувале дозволи искрено? Не само за оваа, туку и за други дозволи за згради кои што се одобрувале во тој дел од Центар.
Бидејќи Водно е белите дробови на градот, лизгаво е земјиштето и јас барам правни механизми како тоа целосно да се сопре. Во делот на дозволи за градба, понатаму во тој дел бараме начини како да истото се стопира и да самата општина нема правни последици и финансиски последици. Истото сум горе- долу сигурен дека ќе го реализираме. Значи, бараме начини како да ги стопираме сите градби. И тоа да биде правно издржано и да нема последици врз општината. Јас се согласувам со жителите, затоа дополнително ќе направиме средба на која ќе поразговараме што понатаму и како ќе течат сите работи. Се наоѓаме во ситуација каде оставени ни се тешки предмети кои треба да ги решаваме. Спремен сум се што можеме да спасиме во делот на јавен интерес и јавно добро и да стопираме некоја градба да го реализираме тоа. Но, тоа да не биде голема последица врз општинскиот буџет и врз граѓаните.
За случајот досега пишуваа повеќе медиуми – особено откако во декември 2021 година соседите на улицата беа разбудени од незаконската сеча на дрвја.
Бројните стручни мислења и проценки на градежници и архитекти, тврдат дека помала е штетата за Општината кога би ја оспорила својата одлука за издавање на ова одобрение, отколку да ја изгради Пристапна улица бр. 5 предвидена во ДУП. Секој од експертите кои го посетија теренот утврдија дека стрмноста на теренот од 70% и недостатокот на инфраструктурни решенија можат да бидат фатални за жителите. Крајот на слепата улица Питу Гули 2 е ширинка која веќе 60 години е единствен паркинг простор за резидентите, што била и нејзината единствена намена.
Експертите од Шумарскиот факултет изготвија елаборат во кој оваа шума во која се наоѓа парцелата со добиено одобрение (и која ќе им отвори пат на останатите) е засадена како дел од големата акција за пошумување која започнала во далечната 1928 година. Целта на пошумувањето била биолошка стабилизација на почвата и заштита од ерозија и поплави. Уште поважен е фактот дека оваа шума, како и целата планина Водно, е првото законски прогласено ерозивно подрачје во државата. Сите климатски сценарија, продолжува елаборатот, укажуваат дека во иднина ќе има сè почести и поинтензивни поројни врнежи, кои дополнително го оправдуваат стравот од свлечишта, ерозии и поплави. Инвеститорот веќе успеа да заработи казна за недозволено сечење на дел од шумата.
Во непосредна близина се наоѓа и Претседателската резиденција. На целиот рид движењето е ограничено токму поради безбедносни причини, па се провлекува прашањето – како е дозволена измената во овој дел на Водно, без да се земат предвид овие МНОГУБРОЈНИ аргументи?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.