На неколку метри од зградата на Македонската телевизија на паркинг просторот спроти трговскиот центар „Ист Гејт“, ќе се гради малку понизок станбен и деловен објект од 15 ката. Ќе чини од 90 до 100 милиони евра, а се очекува да биде изграден за две години. Ќе има три дела, на аголот ќе биде највисокиот дел од 15 ката, другиот станбен објект ќе има 11, а бизнис центарот седум ката.

Граѓаните се жалат дека по изградбата на „Ист Гејт“ на улиците секојдневно се создава метеж, а дополнително со новиот станбен и деловен објект ќе биде ставен целосен крај на движењето и живеењето во овој дел од градот. Општина Центар ѝ издаде градежна дозвола на фирмата Адора инжинеринг, а сопственикот Ванчо Чифлиганец екслузивно за „Телма“ тврди се гради согласно закон.

За изградбата на објектот, Чифлиганец тврди дека се уплатени комуналии од околу пет милиони евра.

Според Деталниот урбанистички план, објектот ќе има максимална висина од приземје плус 18 ката. Издадената градежна дозвола е во согласност со параметрите на ревидираниот ДУП, донесен во јули минатата година.

Чифлиганец поднел барање за добивање градежна дозвола во јуни 2021, што според стариот план се дозволуваше дупло поголема површина за градба и формирање бетонски ѕид, но беше одбиен.

Општина Центар го смени ДУП-от за Крњево во јули минатата година. Со измените, ја намали површината на која може да се гради и развиената површина, но ја зголеми дозволената катност на зградите од 12 на 18 ката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.