Концептот на прослава на Нова година со македонски изведувачи се покажа како успешен. Овој концепт ќе биде дел од следните новогодишни прослави, со целодневна програма и со значително помалку средства од што досега биле користени од градскиот буџет за оваа намена, се вели во реакцијата на Град Скопје во врска со организацијата за прослава на новогодишната ноќ на плоштадот во главниот град.

Од СДСМ претходно обвинија дека фирма на Петар Георгиевски Камиказа го обезбедила озвучувањето за новогодишната прослава, а од Град Скопје реагираа да престанат ваквите напади, за како што велат, „настани кои немаат никакви финансиски импликации на работата на градот“.

Од Град Скопје велат и дека буџетот бил лошо воден од претходното раководство, а изведувачите, озвучувањето и осветлувањето не биле ангажирани од градот.

Оваа година токму поради потрошениот буџет од претходното раководство и лошото планирање, Градот Скопје беше ставен пред голем предизвик дали воопшто ќе може да се организира прослава за новогодишната ноќ. Прославата беше овозможена поради активирањето на неколку општествено одговорни компании што се понудија да ја организираат манифестацијата. Средствата за дочекот се директно платени на изведувачите и Градот Скопје нема никакви финансиски импликации од новогодишната прослава на градскиот плоштад – се вели во реакцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.