Годината која што помина беше турбулентна, но сепак ги исполнивме вашите очекувања. Оваа година покажавме дека може поинаку и дека можеме да наметнеме ново темпо и нова динамика во исполнување на сето она кое што беше ветено во кампањата. Покажавме дека можело поинаку, без да се крадат парите на граѓаните и без да се ставаат под тепих проблемите. Заеднички со вас испишуваме нови стандарди во работењето и во креирањето на новиот буџет и проекти за идната година, истакна градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски при неговото обраќање во кампањата „Промените на дело“ .

Градоначалникот Ѓорѓиевски во текот на своето обраќање најави и проекти кои што се планирани за следната година.

– Дадовме приоритет на граѓаните и на нивните проблеми. Преку отворениот повик за проектирање на буџетот, добивме одлични предлози од кој што голем дел се вклучени во буџетот за оваа година. Оливер Стојановски побара решавање на проблемот со водоснабдување во Стаклара. Со огромно задоволство можам да соопштам  дека овој проект е дел од новиот буџет и оваа година ќе почне со реализација на ова барање. Жителите на Припор побараа асфалтирање  на 7 улици и ова исто така ќе биде реализирано во наредната година. Оваа година ќе направиме и многу други проекти. Целосна реконструкција на мостот  Киро Фетак во Драчево, реконструкција на патната инфраструктура во 11 Октомври бараки. Реконструкција на  улици и во другите населени места, но и уште една нова, трета по ред градинка во Кисела Вода во Расадник, како и уште над 120 нови проекти за наредната година во нашата општина, рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски им порача на граѓаните дека промените се случуваат и дека општина Кисела Вода ќе оди напред.

– Општина Кисела Вода ќе оди напред. Не ги забораваме проблемите на народот и со сите сили се бориме да создадеме заедничка иднина. Покажуваме разлика и решаваме децениски барања на нашите сограѓани. Промените се случуваат во Кисела Вода и вие го забележувате тоа, Промените на дело, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.