Наставниците од основните училишта во Кисела Вода добија благодарници за заложбите во наставниот процес. На овој начин, Општина Кисела Вода, во чест на 5 Октомври, Светскиот ден на учителот им оддаде признание за нивната посветена и благородна работа. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го посети ООУ “Партенија Зографски”, од каде упати честитка до сите наставници и им посака уште поуспешна работа.

Одбележувањето на Денот на учителот, значи почит за нивниот ангажман. Значи дека сме свесни за тежината на нивната работа и љубовта која ни ја дале, значи големо благодарам за се што сториле за нас. Не постои човек кој не ги памети училишните денови, возбудата, ентузијазмот, но и стравот што може да го има едно дете соочено со непознатото. Тие, нашите учители, беа тука да не храбрат, да ни го покажат патот, да ни ја отворат вратата кон новите поглавја во нашите животи. Говорејќи како градоначалник на општина Кисела Вода, сакам да ја нагласам улогата на локалната самоуправа во креирањето на современи и модерни услови за изведување на наставата. Тоа е нашиот влог во содавањето на средина во која наставникот ќе може да им пружи квалитетно образование на учениците, а самиот ќе ужива достоинство во својата професија. Тоа е нашиот начин да им се оддолжиме на нашите учители, кои се мошне важни фигури во процесот на растење и созревање и значаен фактор во трансформацијата кон сето она што сме денес. Им го честитам Светскиот ден на учителот и им посакувам уште поуспешна работа, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски при денешната посета на ООУ “Партенија Зографски”.

УНЕСКО го прогласи денешниот 5-ти октомври за Меѓународен ден на учителите во 1993 година. Интернационалата за образование, која претставува 29 милиони образовни работници во 166 земји, го празнува Светскиот ден на учителот од 1966 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.