Тензично беше денес на седницата на Совет во општина Кисела Вода. Паушалните обвинувања од страна на СДСМ за тимот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски не завршија со посакуваниот ефект.
Имено, како реакција на тие прес- конференции од страна на СДСМ следуваше контра реакција на Ѓорѓиевски кој ги извади сите вработувања на претходните градоначалници, меѓу кои само Филип Темелковски имал вкупно колку сите заедно – 64 редовни вработувања и 84 договори.
Кога сме кај фактичката состојба, да одиме по ред. 2005 година Ѓорѓе Арсов, градоначалник – 36 вработувања. Марјан Ѓорчев 2009 година, градоначалник – 38 вработувања. Билјана Беличанец покојна, 2013 година – 23 вработувања и Филип Темелковски – 64 редовни вработувања. 64 редовни вработувања, тројца заедно градоначалници, Филип сам. И вие ќе зборувате за партизација? Едно редовно вработување имам јас, тоа е Мирко Иваноски секретарот на општината. Не е редовно вработување по оглас туку е со преземање од друга институција. Да не требаше јас да го оставам истиот секретар, вашиот? Немам право јас на свој тим? Или, да бидам прецизен во пари, за 4 години – 3.781.690 евра СДС потрошил народни пари за партиски вработувања. Или во превод, фекалната канализација во Припор, во Бабин Дол чини по проект 3 милиони евра, една фекална канализација завршила во џеб – рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека другата болка на СДСМ е што покренале постапка за да ги вратат парите што ги земале луѓето кои не доаѓале на работа и токму од таму ја црпат сета таа нервоза и хистерија.
На списокот имаме брат на екс директорот на зоолошката градина, не се појавил на работа четири години ама важно паушал земал. Имаме и роднина на актуелниот директор на затворот во Шутка. Не се појавил четири, ама парички земал, а адвокатите земале дупло пари од ова. Шефот на кабинет на Филип Темелковски, Горан Петкоски – 90.000 денари месечно! И вие луѓе ќе ми зборувате за партизација? Ќе ми зборувате за партизација кога Гаши вработен имавме во општината? Кога Закир Бекири – Чауш беше вработен во општината? Не зборам на памет, еве списоци. И, доаѓаме до крајот, 7 унапредувања во време ваше, 0 во наше. Вработени редовен работен однос 64 и 84 договори на дело! Криминал, корупција и по тројца луѓе од штаб донесени овде само да се стават на список. И вие ќе излегувате прес-конференции и беседи ќе држите? Ви кажав и минатата седница, треба четири години да ќутите – додаде Ѓорѓиевски.
Тој кажа и дека го сфаќа нивниот страв и нервоза, знае и колку од нив биле вмешани во 99-те згради во Расадник. Кажа дека ова е обид за враќање на ударот за она што го блокираат сега а е поврзано со Стоп за урбаната мафија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.