Град Скопје во соработка со општина Кисела Вода целосно ја реконструира ул. „Славка Динкова“ во Драчево.

Целосно ќе се реконструира улицата „Славка Динкова“ една од главните артерии во населбата која ги поврзува помалите собирни улици во Драчево со магистралната улица „Јустинијан Први“.

Она што беше децениски проблем со кој секојдневно се соочуваа жителите на Драчево, заминува во историјата. Комплетно ќе се реконструира коловозот во должина од речиси еден километар кој е во крајно лоша состојба со видливи оштетувања, нерамнини и огромни дупки, а со изградбата на атмосферска канализација, ќе се надмине и долгогодишниот проблемот со поплавување, кој редовно настанува при пообилни врнежи, објави градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Дополнително, проектот опфаќа и поставување на ново улично осветлување.

Ова беше мое предизборно ветување но и на градоначалничката Данела Арсовска, а сега се остварува и ќе се реализира како меѓуопштинска соработка во која Градот Скопје целосно ќе ја финансира реконструкцијата, додека општина Кисела Вода учествува во проектот со изработка на техничка документација.

Се работи за градежен зафат вреден околу 50.500.000 денари и истиот во текот на вчерашниот ден беше поддржан од Советот на Град Скопје.

Воедно, Град Скопје продолжува со големите инфраструктурни зафати на територија на општина Кисела Вода, пред сѐ доизградбата на булеварот ,,Борис Трајковски” кон Драчево како главна артерија која ќе го намали метежот, ќе ја зголеми безбедноста и ќе го олесни сообраќајот за преку 70 000 лица од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и околните населени места кои секојдневно ја користат оваа делница, додаде Ѓорѓиевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.