Од Општина Центар известуваат дека вчера во Централниот регистар, e регистрирано трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори „Енергија Центар“ и со тоа Oпштината и официјално го доби второто општинско јавно претпријатие.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, рече дека со реализацијата на овој проект, Oпштината ќе биде електро-енергетски независна и самоодржлива и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали.
– Заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе ги искористиме за нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните, истакна Герасимовски при формирањето на трговското друштво.
Информираше дека претпријатието ќе биде сместено во зградата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, а воедно и му се заблагодари на помошник директорот за финансии, Вангел Андрески што ги отстапи просториите и што ќе го раководи претпријатието без финансиски бенефит цела година.
Како што информираат од општинана, формирањето на трговското друштво „Енергија Центар“ овозможува олеснување на процедурата за инсталирање на поголеми фотоволтаични системи на јавните објекти како основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти кои се под надлежност на општината.
Се додава дека преку „Енергија Центар“ општината може да инсталира централи со вкупна максимална инсталирана моќност од 2,44 мегавата, вкупната инвестиција за инсталирање би изнесувала околу 1.755.000 евра со поврат на инвестиција за околу 4,5 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.