Општина Центар отпочна со наоѓање решенија за високите цени за електрична енергија. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, вечерва во Топ Тема на Телма телевизија изјави дека општината разгледува можности за формирање на сопствено претпријатие за производство на електрична енергија.

„Општина Центар формираше комисија со цел да направи физибилити студија која треба да ги утврди можностите на сите оние јавни објекти како училишта и градинки вклучувајќи го и ЈП ПОЦ да ги видиме можностите за поставување на фотоволтаици  на сите објекти. Дополнително на утрешната Седница ставивме точка на дневен ред односно Иницијатива за основање на јавно прептријатие кои би било за производство на електрична енергија. Да видиме како истото би можеле да го оформиме. Добивме доста искуства од сите состаноци кои ги имаме со работната група на ЗЕЛС и со владините институции и верувам дека таму ќе најдеме делумно решение за намалување на цените на електричната енергија“, изјави Герасимовски.

Герасимовски потенцираше дека за отворање на општинското претпријатие за производство за електрична енергија се разгледуваат можностите да се постават фотоволтаици на секој кров училиште, дополнително ќе се испита колкави ќе бидат капацитетите, колку ќе биде заштетувањето и колкави ќе бидат трошоците за поставување на истите.

„Рaзгледуваме предлози дали тоа да биде преку јавно приватно партнерство, дали да се исплаќа на 10 години или на три години. Ќе ги разгледаме сите можности и за брзо време ќе донесеме одлуки на кој начин ќе ги поставиме сите фотоволтаици“, изјави Герасимовски.

Герасимовски рече и дека во Општина Центар веќе се започнати мерки за заштеда на електрична енергија најпрво со прегледување на струјомерите онаму каде сметките покалаже високи суми по што се покажало дека има струјомери кои се водат на друга општина, а ги плаќа општина Центар. Општината исто така рече тој започна и со рестрикција со гасење на дел од уличното осветлување.

Герасимовски најави ребаланс на буџетот со напори да не се кратат капиталните проекти. Во однос на училиштата и градинките тој беше дециден „Ќе дадам се од себе како градоначалник децата да не останат дома“, рече Герасимовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.