Општина Центар додели 770 000 денари на 60 социјално загрозени лица баратели по основ на нарушена здравствена состојба или тешка материјална положба. Еднократната финансиска помош Комисијата за социјална и здравствена заштита ја одобри врз основа на пристигнати барања од страна на жители на општината кои ги исполнуваат условите според Правилникот за постапката за остварување право на финансиска помош и поддршка на жители на општина Центар-Скопје, соопшти градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Општина Центар секогаш е тука да им помогне на граѓаните кога тоа им е потребно. Се надевам дека овие средства ќе им помогнат на жителите да санираат дел од штетите или ја подобрат здравствената или финансиската состојба во домот. Со цел да им излеземе во пресрет на поголем број граѓани ги повикувам општествено одговорните компании да дадат свој придонес и се вклучат во хуманитарните акции, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Право на користење на овие финансиски средства имаат физички лица што се жители на Општина Центар со влошен социјален статус или загрозувачка здравствена состојба, кои припаѓаат на социјално загрозените групи, лица кои имаат потреба од помош при лекување, еднородителски семејства во социјален ризик. Воедно подносителот на барањето треба да има адреса на живеење во Општина Центар-Скопје и правото на финансиска помош и поддршка може да го искористи само еднаш во текот на календарската година, велат од општината.

Општина Центар покрај оваа помош во соработка со невладината организација „Банка за храна“ и Здружението за поддршка и развој „Хуманост“ обезбедува месечни социјални пакети за семејствата во социјален ризик, еднократна помош за пензионери со висина на пензија до 20.122 денари, нега за стари лица во домашни услови и друго, додаваат од таму.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.