Градскиот трговски центар денес остана без електрична енергија поради неплатен долг кон ЕВН. Од ЕВН за МКД.мк потврдуваат дека како должник ГТЦ е исклучен од мрежата бидејќи има долг кон компанијата за потрошена, а неплатена струја. Наспротив ЕВН, директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски вели дека струја во ГТЦ има, и дека прекинот траел само половина час, но не поради долг, туку поради дефект на мрежата кој претходно им бил најавен од ЕВН.
Точно е дека имаше прекин на електрична енергија во период од половина час, но тоа нема никаква врска со долг. Ни беше испратен и мејл од ЕВН со најава дека ќе нема струја поради дефект. ГТЦ на ЕВН му должи само една сметка која е околу 400 илјади денари, но тоа нема никаква врска со денешното исклучување – тврди за МКД.мк Трајчевски.
Но, од ЕВН велат поинаку, односно дека исклучувањето е поради долг за струја, но по постигнат договор електричната енергија е повторно вклучена.
ГТЦ беше исклучен поради доспеан долг, меѓутоа истиот е повторно повторно приклучен по постигнат договор дека долгот ќе биде подмирен – одговорија од ЕВН и додаваат дека се работи за исклучување кое беше најавено за 15 декември за сите должници.
И неколкумина сопственици на дуќани во ГТЦ за МКД.мк потврдија дека се јавиле во ЕВН и добиле одговор дека исклучувањето на струјата е поради неплатен долг.
Претпладнево беше исклучена струјата на „ЖРСМ Транспорт” АД во депото во Лисиче во Скопје и во објектите во Велес, поради долг за електрична енергија кон „ЕВН Македонија“.
Според последните информации, „ЕВН Македонија” побарува од „ЖРСМ Транспорт” над 400 милиони денари за електрична енергија.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во изјава за медиумите најави дека Железници ќе има струја и повтори дека долгот кон ЕВН за неплатените сметки на одредени државни институции ќе биде подмирен веднаш штом во Собранието ќе помине најавената пренамената на средствата од Буџетот.
Премиерот Димитар Ковачевски денес на прес-конференција изјави дека во Клинички центар нема да биде исклучена струјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.