Од утре, 15-ти октомври, започнува грејната сезона 2023/2024 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува ЕСМ, информираат од компанијата.
Во тек на грејната сезона, испораката на топлинска енергија ќе се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми. Според овие правила, на почетокот од грејната сезона во месеците октомври и првата половина на ноември кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот. При одредени атмосферски услови во периодите на високи надворешни дневни температури, се прекинува испораката на топлинска енергија.
Компаниите формирани од страна на акционерското друштвото АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје. Од вкупно 63.000 потрошувачи (домаќинства, деловни објекти и институции), 61.000 се снабдуваат преку новоформираните фирми на ЕСМ за Производство, Дистрибуција и Снабдување, додека 2.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.
Производните капацитети во двата системи и дистрибутивните мрежи се спремни за почеток на претстојната грејна сезона. Санирани се сите дефекти на дистрибутивната мрежа кои беа лоцирани во текот на летниот ремонтен период, извршени се ладните проби во дистрибутивниот систем како и редовните проверки на подстаниците и на нивната функционалност.
Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО.
Повторно апелираме до потрошувачите и “Управителите” односно “Заедниците на сопственици” да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
Соработката од страна на потрошувачите е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.
За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи.
За потрошувачите на ЕСМ Снабдување со топлина
Центар за грижа на потрошувачи (24/7): 02 3076 200 и 075 400 100
За потрошувачите на ЕСМ- Енергетика
Дефекти и протекување (24/7): 071 313 405
Центар за грижа на корисници (пон-петок,07.00–19.00): 02 3104 816
Рекламации за квалитет на греење (пон-петок, 07.00-19.00): 02 3104 872
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.