Поради големиот интерес во јавноста, чувствувам должност да ги известам граѓаните и медиумите дека два месеца по завршувањето на огласот за директор на ЗОО Скопје, огласот сè уште е отворен, а одамна се поминати сите законски рокови за жалби. Во присуство на адвокат, денеска бев во ЗОО Скопје да ги подигнам моите документи и истите одбија да ми ги вратат со банални објаснувања документите не се разгледани (пликото не е отворено) ниту пак се пратени до градоначалничката на Град Скопје, поради што ќе следува тужба од моја страна, вели поранешниот директор на ЗОО Скопје Ѓорѓи Галетановски.
Без разлика на сите отежнителни околности со кои се соочувам во моментов, јас не се откажувам од она за што се залагам. Сакам да ги известам посетителите и моите колеги од Зоолошката градина дека мојот следен чекор е формирање фондација под името „За европска зоолошка“, чија примарна цел ќе биде обезбедување финансиска поддршка за Зоолошката градина во Скопје и нејзините вработени.
Фондацијата ќе биде посветена на развојот и одржувањето на Зоолошката градина според европски стандарди, овозможувајќи соодветни услови за живот на животните, унапредување на инфраструктурата, како и обезбедување средства за професионален развој и соодветни услови за работа на вработените – какви што впрочем заслужуваат, а во моментов ги немаат, вели Галетановски и додава:
Со формирањето на фондацијата ќе се стремам за зголемување на свесноста за важноста на заштитата на животинскиот свет и едукацијата на јавноста за овие прашања, во соработка со релевантни европски институции и организации. Воедно, ќе бидат активирани многу домашни и странски фирми и донатори кои ќе помагаат со финансии за потребите на ЗОО Скопје. Од редот на вработените во ЗОО Скопје ќе назначам и ополномоштам вработен кој ќе има увид во финансиите, со право да управува со истите.
Сакам да им се заблагодарам за поддршката и да ги охрабрам моите колеги од институцијата кои работат посветено и професионално, а кои се соочуваат со притисоци – да се борат за нивните права и заслуги исто како што се боревме заедно! Никој не смее да се изживува со нив и да врши мобинг. Ги повикувам, доколку имаат потреба од правен совет, мојот адвокат секогаш ќе биде на располагање за било какво прекршување на Законот за работни односи, со цел да бидат заштитени.
Департизацијата на Зоолошката градина Скопје останува моја прва и единствена цел и останувам да се борам за тоа!, вели Галетановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.