Општина Кисела Вода го донесе буџетот за 2023 година. Проектиран е на 507.982.798 денари, а она што е најважно за граѓаните е дека неговата висина не се должи на задолжувања и зголемување на даноците, туку на пренесен вишок од 104 милиони денари.
– Со акумулираните средства, кои се должат на кратењето на непродуктивните трошоци, на затворањето на сите предмети на легализација за кои постоеше соодветната документација, а кои донесоа директен приход преку данокот на имот, а најмалку од дадени дозволи за градење згради, што било практика во минатото, во согласност со долгорочниот финансиски план и стратегија, во првиот квартал од 2023 година Кисела Вода ќе ги затвори сите обврски кон доставувачите и за првпат во својата историја ќе стане општина што не е задолжена – информираа од Општината.
Оттаму додаваат дека буџетот е развоен и посветен на реализација на многу капитални инвестиции, но и на одржување на постојната инфраструктура, сервисирање на тековните проблеми на граѓаните, субвенции на културни и спортски настани, помош во делот на образованието, детската заштита и културата, разни субвенции по повеќе основи за жителите на општината.
– Планирани се рекордни 202.394.571 денар за капитални инвестиции или повеќе од 40 отсто од основниот буџет, без притоа општината да влегува во нови задолжувања. Колку за споредба, за 19,06 отсто повеќе од 2021 година, кога планираните капитални инвестиции биле 170 милиони, 168 милиони во 2020-та или 160 милиони во 2019-та (со владина помош од 64 милиони денари). Споредбено, државата во својот буџет има едвај 15 отсто капитални инвестиции, кои во 90 отсто се покриени со задолжувања. Како капитални проекти за 2023-та ќе ги издвоиме: реконструкцијата на мостот на Киро Фетак, изградбата на водовод во Стаклара, одводната мрежа во Пинтија, изградбата на нова спортска сала во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“, изградбата на нови над 500 паркинг-места, градинки, проектот за ново основно училиште во селото Драчево, новите линии за осветлување и поставување фотоволтаици на училиштата. Особено внимание во капиталните проекти се посветува на реконструкција на улиците и патиштата, за што се планирани 107,5 милиони денари, односно 21,3 отсто од буџетот на Општината, што е во просек речиси 2,5 пати повеќе во однос на секоја претходна година. Се планираат и дополнителни 1,2 милион денари за сообраќајна инфраструктура – велат надлежните.
Оттаму додаваат дека за подземна инфраструктура се планирани 38,8 милиони денари, или 7,7 отсто од вкупниот буџет, додека за урбана опрема се планирани 24,4 милиони денари, или 4,83 отсто од буџетот, што повторно е драстично повеќе од минатото, односно речиси исто колку за три години. Во 2019, 2020 и 2021 година заедно се планирани 27,4 милиони денари, а притоа тие не се ни приближно целосно реализирани.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.