Уметниците масовно откажуваат настани, но промената на бравите и клучевите во канцелариите на Младинскиот културен центар е главен приоритет за новиот В.Д. директор Никола Алексов. Самошто ја презема функцијата, Алексов решил дека само тој и никој друг нема да отклучува и заклучува дел од просториите во МКЦ. На новиот директор инаку, дипломиран детектив, безбедноста му е многу важна, па тој се интересирал и како функционира обезбедувањето на објектот. Вработените велат дека уште на првиот ден како директор минатата недела, тој веднаш донел ревизори и инспектори да ги „чешлаат“ финансиите на јавната установа, објави „Алфа“.

Во меѓувреме, културата паѓа на последно место. Сите активности како театарски претстави, концерти, прикажување филмови, поетски читања и слично се откажани на неодредено време. Организаторите на овие настани самите се повлекле и ги откажале веќе закажаните термини. Денеска нема да се игра најавената театарска претстава „Кенди“, а под знак прашалник е и одржувањето на 11. издание на музичкиот фестивал „Земјотрес“ на 4 февруари.

Буџетот на МКЦ годинава е скратен за цели 92%. Поднесената Годишна програма за работа не е прифатена, а Програмскиот колегиум не ги знае плановите и идните чекори на в.д. директорот, па никој со сигурност не може да каже кога ќе продолжат и во колкав обем редовните настани од областа на културата.

Дипломираниот детектив Никола Алексов бил примен на работа пред десетина дена на местото на службеник кој набрзо треба да се пензионира во Службата за општи работи. Дел од вработените и јавноста се дигнаа на нозе кога тој експресно стана директор. Антикорупциската комисија веќе најави дека ќе го испита неговото вработување, откако Програмскиот колегиум на МКЦ алармираше дека В.Д. директор може да се избере само од редот на вработените, но не и од оние примени преку Агенција з апривремени вработувања.

Сега, веќе поранешниот директор Ванчо Богоев, се пожали на жестоки притисоци од секретарот на Град Скопје да потпише вработување за музичарот Арбен Шакити како преодна форма за шефовската позиција. Шакири неколку години покажува интерес да застане на чело на МКЦ, а веќе имаше и еден неуспешен обид. Пред неколку години уметниците се кренаа на нозе и обидот пропадна.

И овојпат музичарите се здружија и пред два дена организираа протестен музички собир и потпишување петиција против партиските игри околу МКЦ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.