Граѓанската иницијатива Зелен хуман град денска, петок 2 декември, повикува на протес во 17 часот на улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром. Како што велат оттаму, Градот Скопје упорно, и покрај промената на власта, делува спротивно на барањата и интересите на граѓаните.

Повеќе од една година заедно со локалното население се бориме да спречиме претворање на ул. „Васко Карангелески“ во булевар. Наместо Град Скопје да работи на смирување на сообраќајот кој буквално носи животи, тие мирна улица веднаш пред основно училиште прошируваат во булевар! Ги повикуваме сите наши сограѓани, но пред сѐ сите локални жители, сите родители чиишто деца учат во основното училиште „Љубен Лапе“, да излезат и да ги заштитат своите и животите на своите деца. Булевар до основно училиште е енормен ризик по безбедноста не само на децата кои учат таму, туку и на нивните најблиски кои ги носат и ги земаат од училиште, повикуваат од Зелен хуман град.

Потенцираат дека на само 800 метри оддалеченост е булеварот „Србија“, со што е „целосно беспредметно уништувањето на една мирна сообраќајна зона каде што живее и повозрасно население и нејзино претворање во авионска писта каде што ќе прелетуваат смртоносни возила со огромна брзина“.

Да не дозволиме нашите најблиски да бидат подвижни мети!
Да не дозволиме да се дуплира количината на асфалт и бетон за да се создаде уште
еден топлински остров!
Локалните самоуправи постојат за да работат во најдобар интерес на граѓаните!, порачуваат од ЗХГ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.