Црвениот крст на град Скопје денеска со дефиле на хуманоста, со мотото „За Скопје со љубов“ одбележа 77 години од основањето. На дефилето учествуваа повеќе од 1000 лица волонтери на Црвен крст на град Скопје, на петте општински организации, како и корисници на услуги на Црвениот крст.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, учествуваше во дефилето на хуманоста и во оваа пригода го честиташе јубилејот на Црвениот крст на град Скопје.

Активностите и делувањето на Црвениот крст е од исклучителна важност за бројни категории на граѓани за чија добробит делуваат волонтерите на Црвен крст, преку илјадници акции и активности во текот на целата година, вклучително и оние за најранливите групи на граѓани, за кои оваа грижа придонесува за позитивна промена во нивниот живот. Соработката на Градот Скопје и Црвениот крст продолжува со поддршка низ бројните програми за грижа на ранливите категории граѓани, истакна Арсовска.

Значајно е да се нагласи дека изминатиов период во рамките на одличната меѓусебна соработка, формирана е Платформа за унапредување на соработката помеѓу Црвен крст на град Скопје и Градот Скопје во делот на подготвеност и одговор во случај на катастрофи. Со поддршката од Градот Скопје, воведена е услугата за превоз на лица со посебно опремени наменски возила, наменета за стари изнемоштени и лица со инвалидитет, а промовирано е и „Итно Копче” програмата на Црвениот крст на град Скопје, наменета за обезбедување сигурност на постарите лица над 65 години.

Дефилето помина по улиците „Кочо Рацин“ и „11 Октомври“ до плоштадот „Македонија“, каде што учесниците формираа крст – симболот на организацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.