Граѓаните треба да бидат внимателни при движење на локации во планинските пешачки зони на Водно каде може да наидат на диви свињи. При евентуална средба со дивите свињи граѓните треба да бидат смирени, да не ги напаѓаат за да не ги предизвикаат, бидејќи при нивната одбранбена реакција може да ги повредат, изјави денеска Илија Бојаровски од Центарот за управување со кризи.
Ако досега имало пријава само за контакт со диви свињи во високите шумски предели, сега, појасни тој, тие се појавуваат и во Скопје, како што е случајот со населбата Пржино, а и други населби на граница со природата во скопско.
– Тоа е заради тоа што голем број овошки зреат во планината и во населбата и трагајќи по храна дивечот се спушта и во населбите. Лицата кои ги шетаат своите миленици да го одбегнуваат работ на населбата Пржино, каде започнува шумата, бидејќи инстинктите на кучињата и дивите свињи не може да бидат предвидени, а тоа да не го прават во доцните вечерни часови и во раните утрински часови. Во последниот неколкугодишен период е зголемен ризикот од појава на болеста африканска чума кај дивите свињи и тоа е плус да алармираме на нивниот зголемен број на Водно, бидејќи нема специјализирана институција за справување со ваква или слична појава, рече Бојаровски.
Тој посочи дека ЦУК се обратил со барање за преземање законски надлежности и решенија до ЈП Паркови и зеленило Скопје, кое управува и стопанисува со Парк шумата Водно, Инспекторатот за шумаство и ловство, стручен орган за ловство, Агенцијата за храна и ветеринарство како координатор за справување со африканската шума, за која, како што потенцира, имаат инфромација дека дава награда од 250 денари за пријавена угината дива свиња, што значи дека ако граѓаните на овој потег забележат угината дива свиња тоа треба да го пријават.
– Министерствата за животна средина и просторно планирање, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за внатрешни работи и градоначалникот на Град Скопје Данела Арсовска би можеле со свои ресурси да се вклучат во справувањето со појавата, како на пример Зоолошката градина во Скопје, повеќе здруженија за заштита на животни и сл. Исто така информиран е и градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, бидејќи Пржино е на подрачјето на таа општина. Дивата свиња се движи навечер, а преку ден одмара во густежите кои ги имаме на потегот од Водно, над Пржино, потоа Средно Водно се до Нерези. Се додека има вода и храна, дневно може да помине дури и по 70 километри и да се врати таму каде и е леглото. ЦУК преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 е во постојна комуникација со граѓаните и сериозно ги третира дојавите за опаснот по животот и материјалните добра, додаде Бојаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.