Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа централното одбележување на Бадник. Кум оваа година е Божидар Јанковски, сопственик на „Дајнерс“, а здравичар е актерот Анастас Тановски.

Во своето обраќање денеска пред Соборниот храм Јанковски го честита празникот Бадник и порача да имаме разбирање за различностите, за секого во овој град, и да простуваме.

-Како бадникарски кум сакам да ве замолам да покажуваме добрини не само денес, не само на Бадник, туку секој ден во годината. Ве молам да се слушаме, да се гледаме, да се разбираме, да се почитуваме и да си помагаме, порача Јанковски.

Тој потсети дека е попско дете и се чувствува посебен пред овој храм и на овој ден.

-Јас сум попско дете. Мојот дедо бил поп и јас поради тоа се чувствувам посебен денеска пред овој храм и на овој ден. Сигурен сум дека мојот дедо поп Станко и мојата баба попадија Нана би биле денес горди на својот внук. Благодарам на сите за оваа приивлегија која ја имаме денес. Скопје е на сите родени во Скопје, но и на сите кои живеат во него. Таа различност на сите жители на Скопје го прави Скопје метропола. И тоа така засекогаш треба да остане, рече Јанковски.

Тој испрати порака да ги прифатиме добрините и добрите навики на тие што доаѓаат да живеат во Скопје, како и да ги пренесеме нашите добрини и нашите добри навики кон нив. Само така, како што рече, Скопје ќе биде наше.

Здравичарот Анастас Тановски во своето обраќање денеска посака здравје, среќа, светлина и топлина во нашите души и испрати порака да бидеме човечни и хумани.

-Пред некој ден ја испративме старата и ја дочекавме новата година. И еве дојде 6 јануари, денот Бадник кој го најавува утрешниот ден, големиот христијански празник Божиќ- Христовото раѓање. Што да си честитаме и посакаме за овие празници? Пред се, да си посакаме здравје, среќа, да си посакаме светлина и топлина во нашите души, да нема војна, завист и суета меѓу луѓето, да бидеме човечни и хумани, рече Тановски.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во своето обраќање денеска посака оваа година да биде исполнета со здравје, хармонија, мир, среќа, радост.

-Да бидеме кон ближните свои исполнети со сето она кое што би сакале и останатите да го покажат кон нас. Да им покажеме што значи да бидеме солидарни, да бидеме хумани, да покажеме љубов, разбирање и се надевам дека оваа година секој од нас ќе го покаже најдоброто од себе, и она кое го очекувате останатите да го покажат кон вас, рече Арсовска.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи оти му е чест и задоволство што е дел од традиција кој постои 30 години.

-На православните христијани им го честитам Бадникот. Посакувам многу здравје, среќа, берикет, слога, политување и меѓусебно разбирање, рече Герасимовски во своето обраќање пред Соборниот храм



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.