Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ денеска, во салата за состаноци на Советот на Општина Центар, ги претстави кумот и здравичарот за Бадник 2024.

Годинава, со видливо воодушевување и без малку трема, како што признаваат и самите, двете водечки бадникарски функции ги прифатија Божидар Јанковски, попознат како Бобо Дајнерс и актерот Анастас Тановски, кого скопјани го знаат како Таше. Кумот Јанковски е сопственик на „Дајнерс“. Здравичарот Анастас Тановски, е познат драмски актер, талентиран музичар и член на бендот на ветераните.

Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ за 24 декември, недела, ги канат скопјани точно напладне, во месноста Краста, на јужните падини на Водно, за собирање бадникови гранчиња во присуство на кумот, здравичарот и на претходните кумови и здравичари. На 6 јануари, бадниковите гранчиња ќе им бидат поделени на верниците на платото на Соборниот храм, каде што ќе се одржи свеченост по повод празникот Бадник, на која стариот ќе му го предаде бадникарскиот ќуп на новиот кум, а здравичарот ќе ја каже здравицата. Потоа новиот кум ќе замине со пајтон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.