За само четири месеци успеавме да решиме скоро три пати повеќе предмети за АСНОМ, отколку претходното раководство за три години. Со разговор со граѓаните на терен, без наметнување, со тоа што тие самите ќе бидат согласни и знаат што е во нивен интерес. Само за АСНОМ има над 270 севкупни предмети. Само триесетина биле решени за три години, а сега во четири месеци се решени над 80 предмети, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Арсовска во вечерашното гостување во емисијата Дебата на телевизија Шења истакна дека се што е во интерес на граѓаните ќе продолжи да се спроведува, а Град Скопје активно работи на решавање на спорните предмети, каде се туркале проекти без притоа граѓаните да бидат соодветно обештетени.

Проблемот е во тоа што претходно некој непосредно пред избори или сред избори отпочнувал постапки за што и самиот бил свесен дека ги доведува во ситуација да бидат заглавени. За мене како човек, а сега и како градоначалник е недозволиво на некого да му ја срушите куќата, без притоа да имате соодветен договор и обештетување за тие граѓани. Законот за експропријација постои за да биде заштитен јавниот интерес, но без да бидат обештетени луѓето да се тераат процеси, не е хумано, изјави Арсовска.

Таа додаде дека Град Скопје работи на исправки на проектите истите да бидат реални и остварливи за доброто на граѓаните, истакнувајќи дека сегашните активности се само доказ дека нешто може да се направи за кратко време само доколку се работи посветено во интерес на градот и граѓаните.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.