Универзална сала ќе има и скопјани ќе можат во иднина да се гордеат со објектот кој е синоним за Скопје и за скопјани, но исто така, граѓаните треба да се добро запознаени со целиот процес на реконструкција во изминатиот период, кој за жал не се одвивал според законите и прописите за изградба на еден таков објект, за што сведочат и забелешките од бројни архитекти кои што се запознаени со проектот, истакна градоначалничката Арсовска во утринската емисија „Здраво Македонијо”.

Арсовска додаде дека во овој момент е активиран цел државен апаратус за задскривање на грешките коишто поранешното градско раководство ги направило при проектирањето и отпочнувањето на реконструкцијата на Универзална сала.

Реконструкцијата на Универзалната сала не е стопирана, туку се одвива со мал интензитет и се работи само онаму каде што проектот гарантира безбедност за работа. Не можеме да дозволиме да се работи на објект кој најпрво не гарантира безбедност ниту за работниците, ниту за граѓаните кои во иднина ќе ја посетуваат Универзална сала. Не е во ред целата централна власт да се вклучена во криењето на деталите од проектот за реконструкцијата, па дури и да напаѓа за нешто што го згрешиле оние кои што го отпочнале проектот, вели Арсовска.

Арсовска потенцираше дека Градот Скопје нема да ја сопре изградбата на Универзална сала, туку ќе настојува истата да се реконструира согласно сите правила кои што ќе гарантираат безбедност.

Арсовска истакна дека Градот Скопје во овој момент функционира дијаметрално спротивно од она кое што било пракса во изминатите години, односно нема веќе непотребно и недомаќинско расфрлање на средствата кои што се пари на граѓаните.

Факт е дека кога го презедовме Град Скопје како ново градско раководство, се соочивме со големи проблеми, најголемиот дел од нив финансиски, поради тоа што градот е презадолжен. Но, не сме тука да се жалиме, наша работа е да бидеме сервис на граѓаните и да придонесеме за развој и модернизација на Скопје. Ние како Град Скопје, заедно со сите Јавни претпријатија кои што се под наша надлежност, секојдневно меѓусебно се координираме и соработуваме, се со цел навремена интервенција секаде каде што ќе се утврди потреба, истакна Арсовска.

Градоначалничката Арсовска потенцираше дека скопските општини и Јавните претпријатија не се во најдобра финансиска состојба поради недомаќинското раководење во изминатите четири години, но исто така истакна и дека дотациите кои граѓаните ги слеваат во општините не се на нивото кое што треба да се достигне, се со цел тие да имаат доволно средства за секојдневно менаџирање на проблемите кои ги имаат граѓаните и капиталните инвестиции кои што се главен приоритет.

Во периодот кој што следи ќе се отпочнат навистина големи капитални и инфраструктурни проекти кои што се од круцијална важност за Скопје и скопјани. Започнуваме со реконструкција на улици, уредување на пешачките и вело патеки покрај булеварите, работиме на нови зелени површини кои што се неопходни, но исто така ќе има и нови  5 мега паркови кои што ќе бидат од огромно значење за граѓаните. Скопје почна да се менува и да се модернизира, наша цел е да донесуваме брзи и ефикасни решенија кои што ќе бидат од полза на граѓаните и на градот Скопје, заврши Арсовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.