Проектот за изградба на пречистителна станица, финансиран од Европската банка за обнова развој, вреден 136 милиони евра, што беше причина за разрешување на в.д. директорот на Водовод и канализација, Зтако Перински, од страна на Град Скопје, ги скара сега веќе поранешниот директор и градоначалничката Данела Арсовска.
На прес-конференција во зградата на Водовод, Перински објасни дека тој на никој начин не влијаел на текот на тендерската постапка, којашто во секој чекор од процесот е под строга европска контрола, додека Арсовска, која присуствуваше на прес-конференцијата, тврдеше дека постапката се врши нетранспарентно и дека има индиции оти има неправилности.
Како што истакна Арсовска, спорно било што кога таа побарала промена на дел од членовите на комисија кои биле дел од проектот за пречистителна станица, Перински не постапил, ниту, пак, во некој момент официјално го известил Градот за текот на тендерската постапка, иако токму Градот е претпоставен на јавното претпријатие и мора да добие официјална информација за одвивањето на проектот.
За таквото постапување на Перински, Арсовска најави одговорност, притоа не давајќи одговор за што точно го обвинува разрешениот директор, туку порачувајќи дека тоа ќе го одлучат и утврдат надлежните институции.
Таквите обвинувања, Перински ги отфрли и ги нарече паушални и објасни дека дека во фазата во која се наоѓал проектот кога Арсовска побарала промена во комисијата, тоа не можело да биде направено, но и дека во сите извештаи на европските банки кои го финансираат проектот дотогашната работа на проектот била оценета позитивно.
Промената на евакуациона комисија треба да се случи со писмена согласност. Во првиот момент кога ја менувавме комисијата, не беше почната евалуацијата во техничкиот дел. Кога тоа го бараше градоначалничката, од Европска инвестициона банка, беше усвоен извештајот без забелешка – посочи Перински.
Тој додаде дека, поради јавно објавени информации кои се тајни и за кои треба посебни сертификати за доверливост, постои можност државата и Град Скопје да го изгубат грантот.
Да не си играме со паушални обвинувања, затоа што ова може да го загрози проектот за кој државата добила 72 милиони евра. Луѓето од европските банки се сериозно загрижени поради информациите што излегуваат во медиумите. Ние интерно можеме што сакаме да си кажеме, но со европски банки не можеме да си играме.
ЕБОР се загрижени од саботата бидејќи се пласираа доверливи информации во јавност. Ниту јас, ниту друг субјект, нема право, ако нема изјава за доверливост, да учествува во ова. Затоа банките се загрижени. Утринава јас разговарав, ама не знам што ќе се случува во иднина. Ова се кредити кои ние како граѓани треба да ги вратиме. Има ризик да го изгубиме грантот – порача Перински.
На новинаско прашање дали е точно дека една од фирмите понудувачи на тендерот која имала 20 милиони евра пониска понуда од друга фирма, била одбиена со цел другата компанија да ја добие набавката, Перински објасни дека тој не е во позиција да зборува за такво нешто, ниту дека има податоци.
Јас не можам да коментирам дали имало понуда која е 20 милиони евра е поскапа или поевтина. Отворањето на понудите не е почнато, отворањето на понудите е закажано за денеска. Како можете да знаете вие? Од каде ви е информацијата, тоа вие треба да го објасните. Ме загрижува фактот што пласирате паушални бројки, бидејќи денеска во 12 часот е закажано отворањето на понудите – одговори Перински на новинарот.
Перински на прес-конфенцијата директно на Арсовска која му најави кривична пријава ѝ порача дека ако не му поднесе кривична пријава ќе бара јавно да му се извини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.