Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во рамките на вечерашното гостување во емисијата Вин Вин истакна дека мостот „Михајло Апостолски“ што треба да ги поврзе Аеродром и Гази Баба се гради според предвидената динамика.

Секојдневно ги решаваме проблемите веќе трет месец. Мостот се гради со точно предвидена динамика како што беше првично планирано. Први април е денот кога практично тој треба да биде завршен од другата страна и динамиката е токму онака како што беше предвидено. Ги решаваме проблемите на делот од другата страна за да може оваа конекција да биде функционална, а понатаму работиме активно на поврзувањето. Од едната страна имаме булевар кој што е веќе конектиран. Ништо не е застанато, таму активно се работи и во рамки на рокот практично се завршува другата страна каде што треба да настане поврзување каде што беше нечија дневна соба. Ние тоа го решаваме и со продолжена динамика ќе го овозможиме поврзувањето на една страна, за да може да се пристапува и мостот делумно да се користи. Меѓутоа, го решаваме и оној дел на поврзувањето што беше оставен со над 170 имотно-правни нерешени прашања. Ние успеавме да решиме голем број од тие прашања за три месеци, а некој го отпочнал без да реши ниту едно. Сега ќе имаме и нова транша на разрешени прашања. Верувам дека со динамиката ќе покажеме што значи завршување на мостот“, нагласи Арсовска.

Во врска со генералниот урбанистички план на Град Скопје, Градоначалничката нагласи дека динамиката е забрзана и отпочнати се сите оние постапки согласно потпишаниот протокол кој треба да се реализира.

Планот ќе биде претставен пред граѓаните и тие ќе мора да имаат увид во него. Сакаме да биде нешто кое што ќе биде отворено и транспарентно, за да го трасираме начинот, односно која ќе биде иднината на Скопје. Се надевам дека ќе завршиме со донесување на квалитетно направен урбанистички план во 2022 година. Но, додека не го одобрат граѓаните ништо нема да се преземе“, потенцираше Данела Арсовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.