Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска е вплеткана во сомнителна зделка тешка 136 милиони евра, колку што вреди проектот за изградба на пречистителната станица, тврдат извори за Република. Според нивните тврдења, иако Арсовска не треба да знае кој учествувал на тендерот, таа посочува две компании кои биле вклучени во постапката, а си има и фаворит – турски фаворит.

Според изворот на Република,  Арсовска последните недели правела притисок врз менаџментот на Водовод и канализација за разрешување на Комисијата за евалуација на тендерската постапка за пречистителната станица, со цел да вметне лица кои се блиски до нејзиниот кабинет и еден скопски бизнисмен со канцеларија на периферијата во Скопје, а кој важи за близок до Арсовска.

Иако ѝ било укажано дека Европската банка инвестициска банка и експертите кои вршат анализа на постапката имаат негативно мислење за разрешување на членовите на комисијата, како и тоа дека тоа е спротивно на законските прописи со кои детално се пропишува целата постапка. Сепак, Арсовска инсистирала на разрешување на членовите при што менаџментот на Водовод и канализација и посочил дека задолжително ќе го почитуваат законот.

Симптоматично е, брифира нашиот извор, што медиум близок до Арсовска веќе објави информации дека во игра биле две компании, што е своевиден скандал со оглед на фактот што таа не е во позиција на било кој начин да ја знае оваа информација. Оттука, оправдан е сомнежот дека Арсовска веќе има фаворит.

Се шпекулира дека посакуваната компанија на триото на Арсовска, скопски бизнисмен и еден нејзин близок роднина со полициски историјат е турски конзорциум. Таквата компанија не ги исполнувала строгите правила на Европската инвестициска банка.

Договорот за заем е потпишан уште во 2019 година. Со ваквите постапки Арсовска ја загрозува реализацијата на проектот кој на Скопје треба да му донесе прочистување на отпадните води.

Сите досегашни одлуки на евалуционите комисии се одобрени од Европската инвестициска банка без забелешка за сработеното.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се оградуваат од постапките на скопската градоначалничка, која на локалните избори ја доби поддршката од најголемата опозициска партија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.