Како човек кој секогаш одговорно и професионално си ги извршувал своите работни задачи морам да потенцирам дека за мене беше вистински предизвик да бидам на позицијата генерален секретар на Градот Скопје, особено што тоа е место каде човек може вистински да се вгради во развојот на Скопје и да работи на вистинско решавање на бројните проблеми на скопјани, пишува Велковски на својот фејсбук профил.

 

На ова место дојдов со ентузијазам и план да воспоставиме вистинска работна пракса и да ги покренеме процесите кои повеќе години претходно беа заглавени и далеку од потребното ниво. Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што исто така имам обврска да придонесувам барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Тие овие денови ме известија дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир. Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По течиси една година во Градот можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во градот кои со децении придонесуваат за развој на градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе.
Сакам да посочам дека јас ќе продолжам да придонесувам за Скопје од позицијата советник во Општина Чаир, останувам и посветен на мојата ВМРО ДПМНЕ и членовите на Општинскиот Комитет Чаир кој го предводам, благодарам за укажаната доверба и поддршката од сите мои пријатели и соработници, на поддршката од мојата партија и претседателот Мицкоски со кој продолжуваме да го остварувамe она што неминовно ќе мора да се случи за да Македонија се крене, промени за сигурна иднина!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.