Градоначалничката Данела Арсовска го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски оти вчера на седница на Советот на Град Скопје останаа неизгласани 250 еко-автобуси кои според градоначалничката му се неопходни на градот.

-23 месеци по ред Мицкоски иако вети, сепак не дозволи неговите советници да гласаат за нови еко автобуси, а денес не дозволи ниту да гласаат за пожарникари, во период кога Скопје и Македонија се соочени со најголема опасност од пожари во последните неколку децении.

ВМРО-ДПМНЕ повторно докажа дека навистина нема никаква намера да работи во корист на граѓаните на градот Скопје, објави Арсовска.

Според неа, советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје само поради инает одбија да гласат за набавка на нови еко автобуси, но и за зголемување на бројот на пожарникари во градот Скопје неопходни за безбедноста и заштитата на скопјани.

-Граѓаните на градот Скопје треба да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ лаже кога дава предизборни ветувања и континуирано им нанесува штета на граѓаните, за лична и партиска корист, порача градската мајка.

Арсовска вчера не се појави на седницата на советнички прашања.

ЈСП Скопје во јануари годинава доби субвенции од Градот во висина од 11 милиони евра. Беа доделени 140 милиони денари за да се спроведе бесплатниот автобуски превоз за пензионери и студенти, 485 милиони денари за потешкотии во работењето или да може да се подели плата на вработените и 60 милиони денари за функционирање на АВЛ системот и смарт тикетингот.

Во Скопје владее хаос со јавниот превоз. Граѓаните чекаат автобуси по еден час. Кога ќе дојде автобус тој е преполн и не може да се качат сите патници.

Арсовска победи на локалните избори во 2021 година како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш заедно со Мицкоски ветуваа набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен превоз за сите граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.