Во рамки на проектот „Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – Greenovet“ и иницијативата „Европска недела на стручни вештини“ денеска се одржа трибина на тема „Вештини за зелен град“.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска говореше за важноста на еколошкото образование и потребата да се влијае позитивно кај младите за тие да можат да дадат придонес кон зачувување на животната средина.
Како што соопшти Град Скопје, Арсовска потсети за спроведените проекти на Град Скопје и јавните градски претпријатија во насока на зачувување на животната средина.
Градот Скопје работи на повеќе проекти кои даваат голем придонес во зачувувањето на животната средина, а најголем е секако проектот за изградба на Пречистителна станица за третман на отпадни води во Скопје. Овој проект, кој го реализираме во соработка со ЈП „Водовод и канализација“, е најголем еколошки проект во регионот и е во вредност од 136 милиони евра. Со реализацијата на овој проект и изградбата на пречистителната станица, која треба да биде завршена во рок од 36 месеци од почетокот на активностите, ќе се прочистат 90 проценти од водите во Скопје, информираше Арсовска.
Таа додаде дека првпат во државата се работи на воведување систем за рециклирање и реупотреба на градежниот отпад, се зголемуваат зелените јавни површини во сите општини во Скопје, се работи на поставување на сончеви панели на институциите кои се под ингеренција на Градот Скопје, со цел искористување на обновливите извори на енергија и многу други проекти.
Проектот „Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – GREENOVET” е меѓународен проект во кој се вклучени 14 партнери од нашата земја и од Австрија, Португалија и Финска.
Носител на проектните активности во земјава се Машинскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Сојузот на стопански комори на Македонија, АСУЦ „Боро Петрушевски, Раде Кончар ТЕП и Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење.
Проектот има за цел да го поттикне развојот на стручното образование и обука (СОО) во областа на зелените иновации низ Европа, преку основање центри за извонредност во стручното образование и обука со што ќе се овозможи иновативна, инклузивна и одржлива економија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.