Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција информираше дека од 1 јуни 2022 година до овој момент исплатени се вкупно 111 милиони денари, од вкупно фактурирани 120 милиони денари обврски кон „Слободен превоз“. Кон „Мак експрес има фактурирани 44 милиони денари и како што вели, сите се платени. Ги повика претставниците на приватните превозници најавениот протест да го префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

-Ги повикувам претставниците на „Слобода превоз“ и на „Мак експрес“ овие протести коишто ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ чиишто директори го генерирале долгот којшто сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство, а исто така и на новото раководство на ЈСП кое ги решава проблемите и сите оние долгови коишто се изгенерирани во изминатите години, порача Арсовска.

Градоначалничката посочи дека ваквите состојби се политизираат и дека приватните превозници не го почитуваат договорот, што е потпишан со ЈСП на две години и оти не е исполнета обврската за усогласување на автобусите со еколошки стандарди, фискализирање на наплатата на билетите, навремено пристугнување на автобуските станици и одржување на хигиената на соодветно ниво.

Се осврна и на денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски и истакна дека нема да ја земе за зло, бидејќи како што рече се работи за „несмасна изјава, поради негово политичко неискуство“.

-Сметам дека ќе има време пред себе да покаже и да демонстрира дека не мислел ништо лошо. Бидејќи премиерот Ковачевски го спомна и ЈСП, сакам да го потсетам дека ова претпријатие стана загубар токму во времето на владеењето на СДСМ и на Петре Шилегов како нивен градоначалник и го повикувам премиерот да ги употреби своите ингеренции, не да зборува за туѓи ингеренции и да ја повика финансовата полиција да го провери работењето на Шилегов и на претходниот ди ректор на ЈСП за она кое што беше истакнато во јавноста дека веќе има пријава за проневера од околу 33 милиони денари од тој период, додаде Арсовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.