Компанијата за снабдување со топлинска енергија на домовите на граѓаните во градот Скопје, БЕГ е под концесија на владата, па оттука и одговорноста да го регулира проблемот со затоплувањето на домовите на скопјани е на владата, вели Марија Андоновска, советничка во општинскиот Совет на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа ова го истакна при нејзино гостување во емисијата „Клик плус“ на телевизија Тв21, а прашана за проблемите коишто компанијата ги имаше на почетокот на јануари месец, кога во најстудените зимски денови, скопјани ги остави со ладни радијатори.
Андоновска додаде дека земјите од регионот уште во септември минатата година преземаа ефективни мерки против енергетската криза, која впрочем почна уште во месец август, за да не им се случи ова што нам ни се случи поради непреземањето мерки од македонската владата.
БЕГ е под концесија на владата, што значи дека одговорноста да го регулира сето е на владата. Сите земји во регионот, па и пошироко, кризата започна некаде август месец, а и земјите од поширокиот регион веќе во септември имаа преземено ефективни мерки кои што беа во оваа насока, да не дозволат да се случи она што денеска нас ни се случува. За жал владата не презема мерки, до ден денеска. Така да погрешна е констатацијата дека градот не се грижи за своите граѓани. Јас би рекла и повторно ќе повторам, концесијата на БЕГ ја имаше владата и таа е единствена која што е и одговорна за ова и требаше да го направи тоа многу порано – изјави Андоновска.
Таа додаде дека градот Скопје, за своите граѓани се грижи во рамките на своите можности и надлежности.
Андоновска додаде дека минатата локална власт во Градот Скопје, на чело со поранешниот градоначалник Петре Шилегов, го презадолжила градот, така што долгот изнесува 160 милиони евра, а од друга страна, потрошила четири градски буџети во вредност од 380 милиони евра.
Градот Скопје се грижи онолку колку што може, во рамките на неговите можности. Но, имаме 380 милиони евра, тоа се четири буџети кои што ги потроши Шилегов и претходната власт на Социјалдемократскиот сојуз, што раководеше до пред три месеци со градот Скопје. Остави долг од 160 милиони евра – истакна Андоновска.
Таа додаде дека уште пред актуелното раководство на Градот Скопје, на чело со градоначалничката Данела Арсовска да го преземе управувањето со градот граѓаните беа свесни дека градот не функционира како што треба и дека работите не се движат во добра насока, но кога влегоа во градот, работите беа уште покатастрофални од очекувањата со огромни долгови.
Кога се уште не бевме влезени во градот Скопје, кога таа власт беше под ингеренции на СДСМ, на сите ни беше јасно и нас како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, но и на граѓаните дека нешто не е во ред со функционирањето и дека нештата не одат во добра насока. Но, кога влеговме, кога ја преземавме власта, нештата беа многу покатастрофални од оние што можевме да претпоставиме. Огромни долгови, 160 милиони евра долг – додаде Андоновска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.