Пораки за добро здравје, благосостојба, среќа и душевен мир во новата година беа упатени на денешната манифестацијата по повод денот пред христовото раѓање Бадник пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Пред присутните, свое обраќање имаа градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, здравичарот Иванчо Стефков, бадникарскиот кум за 2023 година Мојсо Мојсовски и кумовите Драган Спасов Дац и Александар Митевски.

Градоначалничката Арсовска со честитка до православните христијани и порака да го дочекаме денот на христовото раѓање – Божик во кругот на најблиското семејство.

Да ви посакам на сите вас да бидете среќни, весели, да имате добро зравје, да се сакате меѓусебно, да работиме на тоа оваа година да биде подобра од минатата, да ги надминеме сите предизвици кои ги имавме претходната година. Денес како што е убав и сончев денот така да не послужи и таква да ни биде целата година. Добро здравје, среќа, благосостојба и многу љубов во 2023 година, рече Арсовска.

Градоначалникот Герасимовски нагласи дека денешниот празник Бадник и утрешниот Божик се празници кои не зближуваат со нашето најголемо богатство – нашите семејства, роднини и пријатели. Тој на присутните им посака убави празнични денови, да ги одбележат во љубов, спокој, благосостојба и во себе да го пронајдат душевниот мир.

Здравичарот Стефков порача годинава на сите да им донесе бериќет, помалку грижи и пред се добро здравје. На земјоделците им посака убав род и полни амбари, буриња со вино, на рибарите крупен улов на нашите реки и езера, на ловџиите многу дивеч, на студентите и учениците убави високи оценки и на нашата држава успех на сите полиња.

Бадникарскиот кум за 2023 Мојсовски се осврна на почетоците на бадникарскиот одбор Бадникари.

Како вчера да беше кога пред точно 30 години за првпат го почувствуваме гостопримството на светите лица во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Добивме претходно благослов од г.г. Михаил кој ни го даде името Бадникари. Беше малку порано отколку што е сега и пред објектот имаше многу малку луѓе за ралзика од сега. Нашата приказна е мошне долга и интересна. Дозволете на сите да ви ја честитам новата година и да ви посакам се што е лошо да остане зад вас, поминете ги добро празничните денови, порача Мојсовски, по што следеше примопредавањето на бадникарскиот ќуп.

Традицијата на Бадникарите ја започнал скопјанецот Александар Пановски – Мац, кој во 1992 година на пазарчето Буњаковец купил гранчиња за бабичка која не можела да си ги дозволи. Следната година се собрал со пријателите и решиле да ги купат сите гранчиња и да ги делат бесплатно. Од тоа гранче се роди организација која брои над 40 членови, и која ја негува традицијата повеќе од 30 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.