Новата премиерка на Северна Ирска, Мишел О’Нил денеска изјави дека е за референдум за обединување со Република Ирска во следните десет години.

Во своето прво интервју откако во саботата беше избрана да ја води владата на таа британска провинција, таа рече дека нејзиниот избор за премиер ја покажува промената што се случува на островот, објави Скај њуз.

На прашањето дали „очекува референдум за обединување на Северна Исрка со Република Ирска во следните 10 години, Мишел О’Нил, која е потпретседателка на Шин Фејн, одговори потврдно.

– Да, верувам дека сме во деценија на можности. Толку многу работи се менуваат. Претходно, беше незамисливо премиерот на Северна Ирска да биде националистички републиканец, вели О’Нил.

Мишел О’Нил (47) стана премиер по две години политичка парализа во Северна Ирска. Таа е првиот републикански премиер од Шин Фејн, поранешното политичко крило на Ирската републиканска армија (ИРА).

Според неа, Шин Фејн може да ја дели власта со владејачката Демократска унионистичка партија (ДУП), иако унионистите се залагаат да ја задржат Северна Ирска во рамките на Велика Британија.

– Можеме да ја споделиме моќта и да ја направиме Северна Ирска стабилна, можеме да работиме заедно во поглед на јавните услуги, а исто така да ги следиме легитимните аспирации, рече О’Нил.

Британската влада, пак, веќе се изјасни дека „не гледа реална перспектива“ за таков референдум и верува дека иднината на Северна Ирска е „загарантирана во следните децении“ во рамките на Обединетото Кралство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.