Бразилскиот претседател, Луис Инасио Лула да Силва, се врати во Бразилија и ги посети претседателската палата и Врховниот суд, во кои претходно упаднаа приврзаници на поранешниот шеф на државата Жаир Болсонаро, објави утринава телевизијата „Глобо“.

Претседателот, кој е на функцијата само една недела, синоќа од Сао Паоло изјави дека неговиот претходник од екстремната десница „ги охрабрувал фашистичките вандали“ да ги нападнат властите во Бразилија.

Лула донесе одлука за „полициска интервенција“ со вклучување полициски сили од целата земја за враќање на контролата и безбедноста во главниот град.

Стотици приврзаници на Болсонаро синоќа упаднаа во зградите на главните институции на власта во Бразилија – Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата.

Поранешниот бразилски претседател, Жаир Болсонаро, чии приврзаници вчера упаднаа во Националниот конгрес, претседателската палата и Врховниот федерален суд, на Твитер напиша дека „нападите и уништувањето јавни објекти“ е во спротивно правото на мирен протест.

Во друг твит Болсонаро, кој се наоѓа во во САД, ги отфрли „недокажаните обвинувања“ на неговиот наследник Лула, дека за „фашистичкиот вандализам“ е виновна реториката на неговиот претходник.

И партијата на поранешниот претседател ги осуди постапките на неговите приврзаници, јави ДПА.

„Денес е тажен ден за бразилската нација. Денешните настани во Бразил се срам за сите нас, тие не ја претставуваат нашата партија, тие не го претставуваат Болсонаро“, изјави лидерот на Либералната партија, Валдемар Кошта Нето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.