Денеска, на нашиот најсветол празник Илинден се потсетуваме на генерациите кои се изборија за двете наши републики – Крушевската во 1903-та и АСНОМ-ската во 1944-та година. Водени од прогресивни идеи за политичка слобода и социјална правда, младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена. Младите први се кренаа во борба против фашизмот и станаа најборбеното јадро на народноослободителната војска. Самиот АСНОМ, пред сè, беше заседание на младите. Ние денес имаме слободна македонска држава, благодарение на младите од илинденската и од антифашистичката генерација, се вели во честитката на претседателот Стево Пендаровски по повод Илинден.
Пендаровски наведува дека младите се клучни за каква било општествена трансформација, од народни востанија и револуции, па сè до креирање политики и спроведување реформи.
-Но, за да ги мотивираме младите да останат и да се вклучат во изградбата на европска Македонија, мора со европски реформи да ја градиме нашата држава како праведна и прогресивна република во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство, ефикасен правен систем што ќе ги искоренува криминалот, корупцијата и непотизмот. Токму европската интеграција ќе ни помогне да го оствариме овој витален национален интерес. Затоа, мора без одлагање да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно започнување на преговорите и да престанеме да им го трошиме времето на младите. Бидејќи, ако ја пропуштиме и оваа шанса, ќе го изгубиме виталниот дел од македонското општество, стои во честитката на Пендаровски.
Тешко е да се стекне слободна држава, додава претседателот, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество.
-Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Затоа, да се сплотиме за иднината на младите и сите заедно да градиме европска, а не емигрантска македонска држава. За многу години Илинден!, наведува Пендаровски во честитката за Илинден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.