Социјалдемократите претседателската кампања ја започнаа во Прилеп. Оттаму, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски посочи дека во неговиот петгодишен мандат немало ниту една црна дамка и така ќе биде и во следниот.

Кандидатот за втор мандат за шеф на државата од СДСМ вели дека тоа што Македонија стана членка на НАТО ја направи земјата посилна и веќе никој нема да се поткусурува со Македонија и да си игра играчки. Влезот во НАТО, вели Пендаровски, е рамен успех како Референдумот за независноста на Македонија.

„Имавме тешки моменти но успеавме да направиме една работа која е рамна на независноста на Македонија, станавме членка на НАТО, и ставивме тапија дека не може никој да си игра со нашиот територијален интегритет. 30 години тоа никој не успеа тоа да го направи, но оваа политичка структура го направи. Никој сега не може да си игра со Макеоднија и да се поткусурува. Откако влеговме во НАТО, ние сме во друштво со најголеми, најмоќни, најстабилни земји и нема да не остават сами како помалечко дете во фамилијата некој да си игра играчки со нас“, рече Пендаровски.

Пендаровски е убеден дека ако има минимум за неколку години ќе станеме членка на ЕУ.

„Не сум сигурен дека имаме соговорник и соработник од другата страна, Голем проблем бил криминалот и високата корупција. Како што ви реков пред пет години, и пред 10 години, зад мене нема да има ниту една црна точка. Така ќе биде и до крајот на вториот мандат. Најголемата мака е иселувањето на младите – децата и внуците ни одат надвор, зошто шансата ја гледаат во странство. Иселувањето е феномен кој го има во сите земји. Најдобро може да се избориме заедно со другите помоќни земји во ЕУ, затоа, ако влеземе во ЕУ може да се избориме и со ова, бидејќи ќе го подобриме животот“, рече Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.