Се знае какви одлуки ќе се носат на Влада ако од 1 декември нема намалување на цените на основните прехранбени производи согласно компонентата или, пак, инпутот на електрична енергија, порачуваат одговорните во власта.
За оние кои нема да користат повластена цена на струјата ќе следат други мерки кои ќе се донесат во случај да не ги намалат цените. Согласно Законот за трговија можеме да донесеме мерки во време на криза за замрзнување на цени, одредување на маржи, и слично. Ги имаме листите и Државен пазарен инспекторат ќе врши соодветни контроли, рече министерот за економија Крешник Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека веќе има тренд на намалување на цените на одредени производи.
Од 1 декември, како што кажа, сите компании кои можеа да ја користат мерката за субвенционирано снабдување со електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час ќе треба да ги намалат цените на производите.
Станува за околу 1.000 компании од кои околу 600 се мали пекарници а само 180 се големи производители, рече Бектеши.
Оцени дека помалиот интерес од планираниот за субјектите од прехранбениот сектор можеби се должи на тоа што голем дел од нив веќе маат склучено договори за снабдување со електрична енергија. Од планираните околу 1.000 субјекти само 235 до вчера поднесоа барање до АД ЕСМ за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 80 евра за мегават час од 1 декември.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, порача дека мерките за субвенционирана електрична енергија за компании кои произведуваат основни прехранбени производи се направени со цел за најмалку за 10 проценти да се намалат цените на таквите производи.
Цената на електричната енергија се субвенционира и за основни и средни училишта за да се обезбеди непречено функционирање на образовниот процес, бидејќи не смее да дозволиме децата повторно да седат дома. Се субвенционира и за здравствените установи за да имаат непречено снабдување со електрична енергија и за водоснабдителните претпријатија кои работат со пумпи и пречистителни станици за урбани води за да не останат граѓаните без нивните услуги, рече Ковачевски.
Тој им укажа на локалните власти дека мерките не се за удопство, ниту на државна администрација, ниту, пак, на општинска администрација.
Во време на криза не се финансира удопство и изобилие, туку солидарност. Овие мерки не се за да некој во време на криза ужива во удопство, а друг да не може да сврзи крај со крај. Овие мерки не се за да некој седи по канцеларии, да си вари кафиња, да држи состаноци и да чита весници. Тие мерки се за граѓаните. Затоа за комуналните претпријатија за снабдување со вода и за основните и средните училишта локалните власти да си поднесат барање за да се обезбеди се она што е потребно за децата и за граѓаните, потенцира Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.