Од Јавното обвинителство информираа дека вчера кај нив е пристигнато известување од Министерството за внатрешни работи и документацијата од Министерството за култура за наводната злоупотреба на буџетски средства од поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
До Јавното обвинителство вчера од Министерството за внатрешни работи е доставено известување и документацијата од Министерството за култура. Обвинителството веќе го проучува материјалот и ќе преземе дејствија, стои во информацијата од Јавното обвинителство.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во изјава за медиумите рече дека се уште нема новости од Јавното обвинителство во врска со овој случај.
Не, се уште немаме новости од Јавното обвинителство. Целата документација е испратена. Кога ќе не известат нас, веројатно ќе знаете и вие, рече Љутков за време на неговата посета на Националната опера и балет.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини поранешната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска дека користела буџетски пари за приватни цели за време на нејзиното службено патување во Лондон во октомври минатата година. Веднаш потоа и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет по допрен глас. Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција посочи дека ќе одговара ако се утврди неправилност, а во спротивно најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.