Осум лица се повредени во сообраќајната незгода што се случи попладнево во 14:50 часот на регионалниот пат Велес – село Извор меѓу две комбиња, патничко и товарно. Лицата се со повреди на главата од ударот во стаклото од двете возила и, според првичната информација, се вон животна опасаност, информира за МИА д-р Марјан Мишев од Брзата помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес кој со медицинскиот тим прв пристигна на местото на несреќата.
По укажаната прва помош сите лица се однесени во Општата болница – Велес.
Како што информира за МИА д-р Елена Левкова Ќулумова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, во болницата се уште се вршат прегледи на донесените осум лица и на уште неколкумината повредени во сообраќајката кои сами дошле или биле донесени со приватни коли во Болницата.
Тимот на Хирушки клиники при ЈЗУ Општа болница Велес се уште врши прегледи на повредените, по што ќе знаеме колку и какви повреди имаат, појасни Ќулумова.
Билјана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес, за МИА потврди дека се случила сообраќајка меѓу патничко и товарно комбе во 14:50 часот после раскрсницата кон селото Војница на угорницата кон Чашка. Таа информира дека екипи на СВР Велес се уште се на терен и вршат увид за причините на несреќата.
Регионалниот пат Велес – село Извор најпрво беше блокиран за сообраќај, а од 17:00 часот, како што информира АМСМ, се одвива наизменично.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.