Станува збор за почитување на Уставот и уставните рокови предвидени за одржување на избори, зашто станува збор за редовни парламентарни избори кои се случуваат првпат по 16 години. Постои мала забуна во јавноста во смисла на функционирањето на Собранието затоа што кога се одржуваат предвремени парламентарни избори, парламентот се распушта со одлука за распуштање којашто ја гласаат пратениците, а во овој случај Собранието работи до крајот на својот мандат. Впрочем, ако ја земаме таа пракса за работа на Собранието до пред почеток на кампања, значи Собранието би функционирало некаде до крајот на месец март или првите денови на месец април – рече претседателот на Собранието на Република Македонија, Јован Митрески во емисијата „360 степени“ на МРТ 1,во однос на тоа до кога ќе работи Собранието.
Во однос на распишувањето на изборите, Митрески посочи дека во Уставот е наведено дека од 70 до 90 дена пред одржувањето на изборите, се распишуваат. Тоа значи дека, 24 април е првиот круг за претседателските избори, враќајќи наназад од 70 до 90 дена, доаѓа некаде средина на февруари.
Направив консултација и со ДИК во смисла на броење на деновите што би значело тоа. Денес имам конечен заклучок дека претседателските избори ќе ги распишам на 14 февруари и планот ми е на истиот ден да ги распишам и парламентарните избори – посочи Митрески.
Митрески во врска со прашањето техничка влада- редовно собрание истакна дека Собранието мора да функционира.
Заради граѓаните, бизнисите да се движат, работите што се надлежност на Собранието. Вие велите техничка влада или преодна влада, којашто, исто така, има можност да пушта во процедура како овластен предлагач закони, извештаи, точки на дневен ред. Примарната задача е обезбедување на фер и демократски избори, меѓутоа државата мора да функционира и овој период од 100 дена на техничка влада – истакна Митрески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.