Поранешниот бугарски министер за иновации, Даниел Лорер, од коалицијата на Кирил Петков објави дека еден од напаѓачите на претепаниот Христијан Пендиков во Охрид бил бугарски државјанин и прашува „зошто да не зборуваме за него?“. Тој потсетува дека самиот Пендиков, од друга страна, не е бугарски државјанин, иако има бугарска самосвест, што значи дека неговиот случај бил тешко политизиран во Бугарија.
Господинот кој беше нападнат во Македонија не е бугарски државјанин. Тој се дефинира себеси како личност со бугарска самосвест. Бугарија пред сè мора да ги заштити своите граѓани. Меѓутоа, еден од оние што го нападнаа е бугарски државјанин. Зошто да не зборуваме за него? Што правиме во врска со него?, праша Лорер во интервју за бугарска Нова.
Ставовите на Лорер се на линија со македонскиот претседател Стево Пендаровски кој исто така изјави дека случајот со Пендиков бил исполитизиран во соседна Бугарија.
Точно така, прашањето се политизира. Нашата позиција е тензиите да се намалат за да може да почне да работи дипломатијата. Ние треба да им дадеме време на македонските институции да откријат дали навистина станува збор за случај на омраза што е апсолутно недозволиво и тогаш ЕУ треба да ја одигра својата улога или не. Тоа е нешто кое што треба да го утврдат македонските институции и треба да им го дадеме неопходното време, вели Лорер и ги пофали макеоднските институции за првичната брза реакција на случајот.
Зборовите на Лорер брзо наидоа на коментари во Бугарија од партијата СДС, коалиционер на ГЕРБ на Бојко Борисов, која вели дека тој не го разбрал проблемот во неговата суштина и дека „не разбира што значи бугарска самосвест во РСМ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.